
Честите кошмари водат до смрт: Страшно предупредување од научниците – еве што треба да направите веднаш
Луѓето кои редовно имаат кошмари може да бидат изложени на поголем ризик од прерана смрт, предупредуваат истражувачите.
Препорачано
Едно истражување покажа дека возрасните кои имаат кошмари барем еднаш неделно имаат повеќе од три пати поголема веројатност да умрат пред 70-годишна возраст во споредба со оние кои ретко или никогаш немаат кошмари.
Според истражувањата, кошмарите се посилен показател за ризик од прерана смрт од пушењето, дебелината или недостатокот на физичка активност. Исто така, тие се поврзани со забрзано биолошко стареење, бидејќи го нарушуваат сонот и предизвикуваат долготраен стрес.
Децата и возрасните кои редовно ги имаат, исто така, покажуваат забрзано биолошко стареење, што објаснува околу 40 отсто од зголемениот ризик од предвремена смрт, пишува „Дејли мејл“.
Дури и месечните кошмари се поврзани со побрзо стареење и зголемен ризик од смртност во споредба со оние кои ретко или никогаш не ги доживуваат. Научниците од Империјал колеџот во Лондон веруваат дека оваа поврзаност е последица на штетното дејство на нарушениот сон и стресот предизвикан од кошмарите врз клетките на нашето тело.
„Во текот на спиењето, нашиот мозок не прави разлика помеѓу соништата и реалноста. Затоа кошмарите често нè будат испотени, со забрзано работење на срцето и со плитко дишење – бидејќи се активира реакцијата „бори се или бегај“ – објаснува д-р Абидеми Отаику, раководител на истражувањата и експерт за невронаука.
Истражувачите препорачуваат едноставни мерки за намалување на кошмарите, како што се избегнување на хорор филмови, воспоставување рутина пред спиење и справување со стресот. Оние кои често страдаат од кошмари би можеле да побараат стручна помош, советување или терапија, пишува британски „Сан“.
Кошмарите не се само непријатни, туку претставуваат и сериозен здравствен проблем, па затоа нивното лекување може да помогне во забавување на процесот на стареење и намалување на предвремената смртност.