
Централниот регистар одбележа 24 години од постоењето, институцијата ќе собира податоци и за неформалната економија
Централниот регистар ќе ги усоврши системите за генерирање, следење и мерење на показателите за правните субјекти, кои имаат влијание во формирањето поволна деловна клима за инвеститорите, за да се обезбедат статистички податоци и показатели за економијата, кои ќе се користат за пресметка на индикаторите за мерење на обемот и за редовно следење на неформалната економија, најави директорката Анита Стамнова. Таа ја потенцираше и важноста на институцијата во борбата против сивата економија, зголемувањето на фискалната дисциплина и унапредувањето на деловната етика.
Препорачано
-Нашите услуги се директно поврзани со секојдневното работење на компаниите, а навремената, точна и квалитетна информација е од суштинско значење за донесување вистински одлуки – додаде Стамнова на одбележувањето 24 години од формирањето на Централниот регистар.
Централниот регистар со својата достапност и брзина стана точката од која почнуваат многу деловни приказни, истакна премиерот Христијан Мицкоски, а министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека оваа институција претставува столб на економската и правната инфраструктура и е клучна алка во креирањето поволна деловна клима, унапредувањето на транспарентноста и заштитата на правата на правните и физичките лица.
Инаку, директорката Стамнова соопшти и дека поради недомаќинското работење на менаџментот на оваа институција во изминатите две години ЦР бележел загуба, во 2023 година од 11.092.390 денари, а во 2024 година од 54.926.010 денари.