Штип / Фото: МИА

Цените на становите во Штип рушат рекорди, квадрат над 1300 евра

Во Штип расте побарувачката, но и цената за метар квадратен станбен простор. Драган Каров од одделението за даноци во Општина Штип изјави дека годинава се бележи зголемен број на продадени станови и во трите квартали има пораст од 35 отсто во споредба со минатата година.

-Во 2025 година, до денес, продадени се и поминати низ системот на општината 190 станови, од кои 110 се ново изградени или споредбено со 2024 во цела година имало 125 ново продадени станови, што значи дека се забележува тренд на зголемување на продажбата. Инаку, вкупната вредност на поминатите договори во општината за новите станови е околу седум милиони евра, изјави Каров.

Тој посочува дека од овие средства општината инкасира 4 отсто од вредноста на купорподажните договори, што значи дека во лoкалниот буџет само по овој основ се прибрани 280 000 евра. Станови се градени во изминатите години и затоа се продаваат по пониски цени, додека цената за метар квадратен за становите кои во моментот се градат постојано се зголемува.

-По договорите од оваа година некоја просечна цена надминува 1.000 евра од метар квадратен, вели Каров

Станбен простор за продажба се бара независно од локацијата во градот. Појаснува дека нема групирање во еден дел од градот, туку секаде каде што се градат нови згради сите станови се продадени.

Цената за метар квадратен во новоградба во Штип достигна до 1.380 евра. За разлика од претходните години кога станови купуваа државјани на Турција за своите деца студенти, сега воглавно се македонски државјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот