
„Цар Борис“ со некомплетна докуметација за промена на името, ќе се проверуваат називите на 17.000 здруженија на граѓани
Директорката на Централен регистар Марија Бошковска Јанковски денеска информираше дека здружението на Бугари „Цар Борис“ од Охрид не ја поднело целосната потребна документација за промена на името во законски предвидениот рок што истече на 16 февруари. Претходно од Централен регистар известија дека на 10 февруари ова здружение почнало процедура за усопгласување со измените на Законот за здруженијата и фондациите, но директорката Бошковска Јанковски рече дека апликацијата е непрописно поднесена, а според неа, тоа е сторено за да се купи време.
Препорачано
– Во врска дали овие споменати здруженија поднеле пријава за промена на имињата, за „Иван Михајлов“ не е поднесена пријава за името, додека за „Цар Борис Трети“ на 10 февруари е поднесено барање со допис за усогласување со новиот Закон за здруженија и фондации и не е наведено ништо друго. Тоа не ја задоволува законската процедура за менување на име. Сепак отворен е деловоден број и информирано е дека треба да постапи соглансо Законот, односно да достави пријава и проследна документација за да го изврши усогласувањето. Ова е можеби купување време, но ако достават пријава како што треба, ќе биде информирано Министерството за правда да почека со одлуката – рече Бошковска Јанковски за ТВ24.
Таа извести и дека на новоформираната владина Комисија за употреба на историските имиња со седиште во Министерството за правда им ги доставиле на проверка имињата на сите 17.000 здруженија што се регистрирани во Македонија.
– Испратена е комплет документација, а генерално статутите и програмите се речиси идентични кај сите здруженија, нема некоја разлика. Сите се земени од базата во Централниот регистар, со таа разлика што кај бугарските има некои реченици во смисла дека ќе ги штити бугарските интереси и т.н., но тоа не е доволен момент за да не може да се регистрира тој правен субјект. Ние сме само евидентно тело, база на податоци, и ние не можеме да кажеме дали некое здружение може да се регистрира или не. Ако правниот субјект ја поднел цела потребна документација и во пријавата и прилозите потребни за регистрација ги исполнува условите, ние не можеме да му кажеме дали ќе биде регистриран или не. Ние постапуваме исклучиво според законот. Сега, со измените во Законот за здруженија и фондации, ако некое здружение побара да се регистрира, а притоа има спорно име, ние ќе бараме дали тој правен субјект има согласност од Министерството за правда за регистрација – рече Бошковска Јанковски.
Од Централниот регистар пред истекот на рокот до кој сите здруженија требаше да се усогласат со законот известија дека до нив е стасан допис од „Цар Босрис Трети“ со наслов: барање за усогласување на работата на здружението со законот и дека со барањето подносителот доставил и известување за доставување на пријава и прилози. Но, според изјавата на директорката, јасно е дека пријавата и прилозите досега не се доставени.
„Слободен печат“ го праша здружението „Цар Борис“ зошто не поднеле целосна документација и дали се обидуваат да купат време пред да бидат избришани од Централниот регистар, но не добивме одговор.
Комисијата за имиња што ја формираше ексминистерот за правда Никола Тупанчевски од пет члена сега има три откако два члена се откажаа.
Согласно законските измени, здруженијата не смеат во своите имиња да користат личности што на кој било начин се поврзани со фашизам, нацизам, Третиот рајх итн. Сите здруженија требаше да се усогласат со законските измени до 16 февруари, а оние кои нема да се усогласат ќе бидат избришани од Централниот регистар со одлука на министереот за правда најдоцна до 16 март, врз основа на добиено мислење од Комисијата за имиња. Законските измени беа донесени откако двете здруженија на Бугари „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ минатата година силно ги вознемирија граѓаните со отварање на културни клубови во Битола и во Охрид.