Димитар Атанасов од БАН/ Фото: Лична архива

Бугарскиот академик Димитар Атанасов за „Слободен печат“: Барањето за внесување на Бугарите во Уставот е срамно

Бојко Борисов има навика да ги надминува своите компетенции и да си мисли дека е нешто повеќе од бугарски политичар чие владеење помина со многу корупциски скандали. Треба да му се каже дека тој не е Господ Бог, да може да каже „ти дај оставка, ти оди лево, ти десно, ти клекни, ти стани“, вели Атанасов во интервју за „Слободен печат“.

Димитар Атанасов, историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките (БАН) за „Слободен печат“ говори за последните случувања во бугарско-македонските односи оценува дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е срамно барање кое нема да никаков ефект. Истовремено, лично не верува дека тоа ќе биде последното барање од Софија, Инаку, Атанасов е дел од помладата генерација бугарски историчари кои се залагаат за модерен пристап во историската наука.
По последните случувања во меѓусебните односи што мислите каде одат Бугарија и Македонија?

– Јас имам чувство дека се наоѓаме некаде на почетокот на 70-те години од минатиот век, во срцето на конфликтот меѓу Бугарија и Југославија, односно Македонија, при што и двете страни не се срамат да користат секакви пропагандни средства и да прават нешта кои се апсолутно неприфатливи не само за другиот, туку генерално. Тоа што бугарскиот претседател ја прими македонската претседателка без знамето на Република Северна Македонија е очигледно понижувачки гест. Нема значење дали посетата е официјална или не, почитта кон гостинот е нешто за што сме должни. Изјавата на македонскиот министер Александар Николоски на истиот начин е исклучително навредлива за Бугарите.
Изјавите кои ги генерализираат сите Бугари и ги нарекуваат со зборови кои сигурно важат за одреден дел од Бугарите не можат да се употребуваат од политичар на такво ниво со јавен речник. На тој начин се зборува во кафеана, приватно, таму каде што луѓето можат да зборуваат за работи кои се сметаат за непристојни, каде што си кажуваме непристојни вицови. Во јавната комуникација немаме право на навредливи епитети. Од тој аспект, двете страни си возвраќаат на ист неприфатлив начин. Тоа што го кажа министерот Николоски дека Бугарија е позната по корупцијата за жал е точно, но не помалку точно е истото и за Македонија. Со корупција се соочуваат и други држави и не значи дека ние Бугарите сме уникатни, но и не значи дека треба да кренеме раце од борбата против корупцијата. Ние треба тоа да го направиме, но треба да мислиме заедно за тоа. Тоа е она што во моментот ни недостасува бидејќи кога ќе ги обединиме силите во борбата против овој непријатен менталитет кој ги тера луѓето кои отишле на Запад да не се вратат повеќе на Балканот, имаме некаква шанса. Ако се праша само еден дел од бугарското или од македонското општество ние сме осудени на разочарување и мафијата да продолжи да биде на власт. Факт кој за жал продолжува да биде точен и во Бугарија и во Македонија. И на двете страни политичката мафија продолжува да управува со значителни делови од државите и од општествата.

Но, со вакви критики и навреди од двете страни до каде ќе стигнеме? Ќе дојдеме до точка кога нема да сакаме да се видиме.

– Точно, тоа е проблемот. Кога македонската претседателка дојде во Бугарија имав можност да се видам со неа и од неа лично го слушнав токму тоа, дека нас ни треба помирувачки тон, рационалните гласови, а не радикалите, да надвладеат во двостраниот дијалог. Се надевам дека непријатностите кои се случуваат нема да се одразуваат на двата народи бидејќи во политичките елити на двете страни владее медиокритет, а не вистинска елита. Ние можеме да се обединиме околу тоа. Навистина имаме нужда од разумен тон. Замислете мои пријатели, образовани луѓе, пред да отидат во Македонија ме прашуваат дали има некаква опасност ќе им се случи ли нешто. Луѓето веќе се плашат, тоа ги влошува односите и меѓу народите. Продолжувам да објаснувам дека во Македонија живеат луѓе исти како нас и со нив може да комуницираме нормално, човечки.

Димитар Атанасов од БАН/ Фото: Лична архива

Сѐ е тоа во ред, треба помирувачки тон. Ама од друга страна бугарските политичари и натаму зборуваат за еден народ, за Македонија како дел од бугарската држава, за непостоење на македонскиот јазик, за македонската држава како вештачка творба… Тоа е навредливо и неприфатливо за македонските граѓани.

– Не за џабе реков дека се чувствувам како да сме во почетокот на 70-те. Тоа е реторика која е искована во времето на Студената војна, на една конкретна епизода од неа. Национал-комунистичкиот дискурс за жал продолжува да се произведува во бугарската историска наука. Научниците продолжуваат да говорат со тој јазик и со тој тон. Од таа гледна точка не можеме да очекуваме политичарите да бидат различни. Ние не успеавме да ги надминеме клишеата и да ја видиме идеолошката основа за тоа, и да почнеме да воведуваме научни стандарди, хуманистички критериуми и да се придржуваме кон историските извори и од двете страни на границата, и Бугари и Македонци. Ние не успеваме да го направиме тоа. Што се случи со историската комисија од македонска страна? На почетокот кога таа комисија беше формирана македонските колеги беа избрани по принципот на научната полифонија. Имаше со различни погледи, но како целина националното јадро беше видливо. Во моментов, по промената токму тие национално мислечки луѓе се обвинувани дека не го заштитуваат националниот интерес. Извинeте, ама науката не заштитува ничиј интерес освен интересот на знаењето. Ако историските извори тврдат нешто во чиј било интерес ние немаме право да го криеме. Така, ние историчарите кои ја следиме бугарската историја се обидуваме да кажеме јасно, да, за време на Втората светска војна бугарското управување во Македонија е окупација на бугарската власт и тие 11.343 се граѓани со еврејски корени се испратени во германските концентрациони логори да не се вратат. Историската приказна е сложена, не е само добра или лоша, не се сведува само на „ние кои правиме добро и тие кои создаваат зло“. Не е тоа, ама за жал политичарите го прават токму тоа, нѐ делат на добри и лоши. Тоа не треба да продолжи така, но треба да дојде од квалитетно лидерство. Јас и вие може да зборуваме до бескрај, но на лидерско ниво мора да има признавање за неопходноста од воведување најнормални стандарди. Луѓето мора да разберат дека ние немаме друг избор. Навистина и кај двете страни има огромна националистичка инерција, која освен со лидерство се надминува и со трпеливост, а не со навредливи изјави.

Еве велите Бугарија била окупатор во Втората светска војна, ама бугарската држава никогаш не го призна тоа.

– Бугарската држава не го признава тоа бидејќи историскиот естаблишмент кој беше инсталиран и во историската комисија тврди обратно. Тврдењето за спасувањето на бугарските Евреи треба да се дополни со тоа за депортацијата. Историјата е сложена работа. А не еден ист професор на едно место да тврди едно, а на друго место друго. Јас тоа би го нарекол академско лицемерие.

Со таквите изјави кај македонските граѓани се создава револт и недоверба.

– Јас не можам да очекувам македонските граѓани да му веруваат на бугарскиот политички естаблишмент ако јас не му верувам. Јас сум бугарски граѓанин и имам недоверба кон бугарските политичари. Не можам да очекувам луѓе кои живеат надвор од Бугарија да поверуваат на соопштенијата на бугарската политика. Заради тоа, демократизацијата, либерализацијата се нешта кои во Бугарија треба конечно да бидат дел од актуелниот живот. Инаку, сме осудени да го правиме тоа што го правиме и да докажуваме века вистината е тврда и дека удирајќи си ја главата во неа многу боли.

Кога зборувате за научниците, зошто сега нема соработка меѓу БАН и МАНУ?

– Порано имаше. Во ситуацијата во која се наоѓаме во никој случај не би ги нападнал колегите од МАНУ дека не сакаат соработка со луѓето од БАН. Колку чудно да звучи јас лично имам одлични односи со колеги историчари од Скопје. Ние не запревме да комуницираме меѓу себе. Лошото е што таа комуникација не се случува благодарение на нашите држави и општества иако науката е инструмент за градење национален престиж. За жал кога науката не е квалитетна таа не гради национален престиж туку го урива.

Бојко Борисов/ Фото: JOHN THYS/ AFP/ Profimedia

Бојко Борисов побара оставка од нашиот министер Александар Николоски и рече дека додека не поднесе оставка нема да продолжат преговорите. Не е ли ова претерано барање па дури и мешање во внатрешните работи на Македонија да бараш оставка од македонски министер?

– Бојко Борисов има навика да ги надминува своите компетенции и да си мисли дека е нешто повеќе од бугарски политичар чие владеење помина со многу корупциски скандали. Борисов треба да се потсети дека Бугарија уште нема соодветно антикорупциско законодавство бидејќи тој самиот предложи законот да важи по 2021, од моментот кога тој не е повеќе на власт. После треба да му се каже дека тој не е Господ бог, да може да каже „ти дај оставка, ти оди лево, ти десно, ти клекни, ти стани“. Борисов е обичен бугарски политичар кој има авторитет во рамките на бугарската држава. И да не ми се допаѓа нешто што кажал Николоски јас не можам да им препорачам на македонските колеги и пријатели што било. Јас не сум граѓанин на Северна Македонија, не сум го избрал тој човек за министер. Можам да барам од бугарските политичари. Можам да го критикувам бугарскиот претседател за тоа што покажа непочитување кон Гордана Сиљановска која му одржа лекција по дипломатија. Прво таа не реагираше во моментот, остави посетата да продолжи во пријателски тон. Бугарските новинари ја прашаа за внесувањето на Бугарите во Уставот и со одговорот им даде лекција на бугарските политичари велејќи: „Јас не сум апсолутен монарх, има Парламент кој решава“. Македонија е парламентарна демократија. Бојко Борисов за жал не е способен за едно такво високо политичко ниво, и од таа гледна точка тој зборува работи од кои често ние Бугарите се срамиме а уште почесто се смееме на тоа. Борисов сѐ повеќе служи за потсмев во Бугарија.

Фото: МИА

Мислите ли дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе ги реши сите проблеми меѓу нас?

– Не, и не еднаш сум рекол дека тоа е едно многу срамно барање. Внесувањето на Бугарите во Уставот и гарантирањето на малцински статус нема да има апсолутно никаков ефект. Според меѓународното право за малцинствата, тоа е група која има дистинктивни различни елементи од тие на мнозинството. Тоа се приказните за минатото, народните традиции, јазикот итн. Но во бугарско-македонскиот случај дел од тие услови не се исполнети. Ќе кажам нешто што можеби нема да им се допадне на вашите читатели. Еден дел од македонската нација има бугарски корени, но тоа не ги прави помалку македонски. Имам македонски пријатели кои признаваат дека нивните дедовци била Бугари. Бабата на мојот дедо била Гркинка, но јас сум Бугарин. Доколку разликите меѓу Бугарите и Македонците не се големи, тоа не значи дека ние не сме два народа, не значи дека немаме различни јазици, туку само дека се мали тие разлики и тешко може да утврдат бугарско малцинство во Македонија. Давањето малцински статус за жал е во корист на бизнис интересите на бугарските националисти кои до денес ја злоупотребуваат каузата за Македонија. Тие луѓе политички се исклучително периферни, на последните избори беа под 1 процент и веќе никој не ги сфаќа сериозно. Но продолжуваат да имаат влијание во Македонија. Нивните луѓе на терен продолжуваат да работат. Во моментот кога на Бугарите ќе им се признае статус на малцинство, тоа гарантира присуство во институциите, влез во локалната власт. Тие луѓе, Бугари кои сакаат да продолжат да прават бизниси користејќи го двостраниот конфликт како основен инструмент се стремат кон тоа, да влезат на пример во општинските совети и иако знаат дека нема да бидат мнозинство на „корупциски дилери“ ќе им вршат голема работа. Би можеле да бидат посредници на определени влијанија – трговци со влијание. Од тој аспект, не помагаме на бугарско-македонскиот спор, туку помагаме на бугарската мафија и на македонските коруптивни соработници. За жал, внесувањето на Бугарите во Уставот ќе доведе до тоа. Ако сепак се направи, македонската страна треба сериозно да внимава дека такви ризици има и дека треба да бидат минимизирани. Јас искрено не би сакал двете мафии од двете страни на границата да се здружат и да работат заедно. Би сакал и двете да ги нема.

Треба ли да ѝ веруваме на Софија дека откако ќе се внесат Бугарите во Уставот нема да има други услови?

– Не, јас лично не верувам. Имајќи предвид колку пати се сменети условите, колку пати бугарскиот претседател ја смени својата позиција и колку пати беа поставувани нови услови, не би им верувал. Но, со оглед дека има француски предлог на кој и двете страни се потпишале сметам дека ако Македонија го исполни својот дел, а Бугарија не го исполни својот ќе се покаже всушност кој е основниот генератор на конфликтот и кого го опслужува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот