Бугарски тролови и ботови атакуваат на социјалните мрежи, институциите немоќни да го спречат говорот на омраза

социјални мрежи фејсбук
Фото : Архива

Кој било поголем настан или случување на домашната политичка сцена не поминува без рефлексија на социјалните мрежи и обратно. По тензичното чествување на Мара Бунева во Скопје, провокативните и навредливи изјави на Ангел Џамбаски кон Македонија но и инцидентот со Христијан Пендиков, социјалните мрежи и медиуми се преплавени со говор на омраза, лажни вести но и странска пропаганда, што, според упатените, провоцира насилство и уште повеќе ја продлабочува поделбата меѓу граѓаните по сите основи.

Ваквиот феномен, кој е загрижувачки и кој дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, деновиве добива на интензитет по заканувачките пораки, со повик за насилство на бугарски политичари кон државни функционери во земјава, политичари, новинари и сл. Состојбите одат до таму што коментарите на т.н. интернет тролови и ботови на социјалните мрежи се закануват по животи на дел од корисниците на социјалните мрежи во земјава а тие се во пораст особено во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев закажано на 4 февруари.

Професорката по комуникологија Викторија Кафеџиска смета дека во регионот но и земјава постои преголема концентрација на гнев и поделеност помеѓу граѓаните, а тоа што загрижува е дека таквиот подем забрзано се шири, пред сѐ меѓу младите, поради долгогодишното чекање за влез на нашата земја во ЕУ. Таа вели дека државите не треба да молчат на овие состојби и треба да превземат мерки и чекори кои и се во нивна надлежност се со цел да се превенира оваа состојба која може да има и безбедносни реперкусии.

Проф. Викторија Кафеџиска/ФОТО, Цивил

– За жал Македонија но и земјите од опкружувањето изгубена е границата помеѓу она што е медиум, социјални мрежи и она што е приватност. Секој изречен или напишан збор во медиумот е порака во општеството. Кога говорам за медиум, мислам за оној што потекнува од „здраво општество“, како во развиените западни земји, кои не користат навреда или омраза при својата секојдневна работа. Овде, за жал, го немаме тоа, поради што вирусот на приземно општество сѐ уште вирее во земјава – додава Кафеџиска.

Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Кафеџиска не ја исклучува и можноста на руската пропаганда која преку Бугарија може да продира на социјалните мрежи во земјава но и во опкружувањето, се со цел остварување на свои геополитички интереси. Тоа според неа најчесто се прави од лица дистрибуира инфламаторни, навредливи и лажни содржини на интернет.

– Проблемот е што ние како држава но и земјите во регионот немаат изградено превентивни механизми на овие појави и се дозволи обичните граѓани да се вовлекуваат преку социјалните мрежи непотребно во пресметки а за тоа државата нема механизам на некое повисоко ниво да реагира и превенира. Во исто време тешко е да се каже дали Русија во конкретниот случај има влијание во однос на влошените бугарско-македонски односни, но она што е симптоматично за мене е тоа што молчи ЕУ за оваа појава. Доколку има руско влијание зошто ЕУ не реагира во насока да ја предупредат Бугарија – вели Кафеџиска. Таа дополнува дека овие работи мора да престанат а за тоа неопходно е да реагира државата преку своите закони и прописи за регулирање на оваа сфера која за жал според неа во овој момент тоа не е видливо.

Дел од коментарите на социјалните мрежи, кои шират омраза, невистини и лаги/ФОТО, принтскрин Фејсбук

Од друга страна универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев на неколку пати досега во изјава за домашните медиуми посочува дека ширењето расистички и ксенофобичен материјал заедно со повик за насилство по пат на компјутерски систем е прецизно пропишано во Кривичниот законик, во членот 394 г. Според него, казната за ваквите повици на насилство, доколку дојде до потешки облици на прекршување на законот, може да биде и до десет години затвор.

– Во Кривичниот законик прецизно се опишува дека доколку во јавноста преку Интернет се шири расистички ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија што помага или поттикнува омраза, дискриминација или насилство против лице или група врз основа на национално или етничко потекло или слично, се казнува со затвор од една до пет години – вели  Калајџиев во изјава за домашните медиуми на оваа тема.

Во меѓувреме МВР формираше посебен штаб за чествувањето на 151-годишнина од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, за кое е најавено доаѓање на поголема група бугарски граѓани во Скопје.

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, изјави дека МВР ќе направи одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев да мине мирно и достоинствено. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при гостување во „Утрински печат“ исто така апелираше на мирно и достоинствено чествување.

„МВР и безбедносните служби се тука да направат се и да обезбедат мирни услови“, рече Спасовски, најавувајќи дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност.

Што е интернет трол?

unsplash

Трол е сленговски израз за лице што објавува, односно дистрибуира инфламаторни, навредливи и лажни содржини на интернет (социјални мрежи, блогови, „соби“ за разговор итн.) или во реалниот живот, во јавниот простор. Именката „трол“ е англиски збор (тролл) и значи грдо џуџе или џин. Употребата датира од 1610 година и потекнува од старонордискиот збор „трол“ што значи џин или демон. Зборот ги означува троловите во скандинавскиот фолклор и детските приказни: асоцијални, кавгаџии и суштества кои бавно размислуваат. Тие им го отежнуваат животот на патниците. Троловите постојат во фолклорот и фантастичната литература со векови. Онлајн тролањето постои онолку долго колку што постои Интернетот. Целта и намерите на тролот се да испровоцира емоции на омраза и/или страв, како и да манипулира со перцепцијата на другите. Понатаму, целта на тролањето е да се нарушат онлајн активностите на ривалот или намерно да предизвикуваат конфузија или штета на другите корисници на интернет. Најчестиот совет од експертите е троловите да се игнорираат, бидејќи, ако ништо друго, тие уживаат во провоцирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот