Македонија - Бугарија Фото: Слободен печат/ Архива

Бугарија го зацврстува ветото, наше е да бидеме спокојни

Аналитичарите предупредуваат дека македонското прашање за Бугарија полека се претвора во алатка за одбрана на сопственото влијание, а тоа значи дека ако Унгарија успее да го забави или да го услови процесот со Украина, Софија би можела да добие простор да инсистира на своите национални позиции и да спречи укинување на едногласноста при проширувањето.

Во момент кога европската дипломатија се подготвува за нови преговори со Украина, една стара балканска приказна повторно ѕирка зад завесата – бугарското вето кон Македонија.

Реномираниот портал „Политико“ објави дека Бугарија би можела да застане на страната на унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговиот обид да го блокира пристапувањето на Киев во Европската Унија, а причината, како што е наведено во текстот, не е љубовта на Софија кон Москва, туку желбата Бугарија да си го задржи правото на вето во идните проширувања, особено во однос на Скопје.

Иронијата е очигледна: држава што сама влезе во ЕУ со силна поддршка од Брисел, сега ја користи Унијата како поле за политичка трговија, коментираат експертите.

Според објавата, бугарските власти и понатаму ја бранат позицијата дека секое членство треба да биде условено со исполнување на билатералните договори – формула што ја држи Македонија во заложништво веќе неколку години. А во момент кога во ЕУ се разгледува можноста да се ограничи правото на вето за одлуки поврзани со проширувањето, Софија гледа прилика да се приклучи кон Орбан, кој одамна е во конфликт со европските институции поради демократијата, судството и поради ставот кон Русија.

Аналитичарите предупредуваат дека македонското прашање за Бугарија полека се претвора во алатка за одбрана на сопственото влијание, а тоа значи дека ако Унгарија успее да го забави или да го услови процесот со Украина, Софија би можела да добие простор да инсистира на своите национални позиции и да спречи укинување на едногласноста при проширувањето.

Со други зборови – Македонија повторно би станала заглавен пешак на големата европска шаховска табла.

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во изјава за „Слободен печат“ оценува дека Европската Унија се соочува со сериозен недостиг од кохезија, а Македонија, според него, не треба да се вознемирува од бугарските позиции околу ветото, туку да инсистира на еднакви правила како за сите други земји-кандидати.

– Очигледно е дека Европската Унија сама е соочена со еден голем предизвик и од авион се гледа дека во европското семејство не постои кохезија во смисла на заеднички решенија коишто би биле прифатливи за сите земји-членки. Во таа насока, Бугарија бара начини како да го задржи правото на вето кон Македонија, бидејќи тоа за неа претставува многу важна работа. Од друга страна, ние не треба премногу да се потресуваме во однос на тоа прашање, особено поради тоа што Македонија води преговори со Европската Унија независно од ставовите на нашите соседи. Нашиот европски пат трае од 9 април 2001 година, а тоа е скоро четврт век изминат во преговори. Затоа сметам дека најпаметно би било воопшто да не нè интересира позицијата на Бугарија. Тие можат да си градат позиции во однос на ветото или слично, меѓутоа ние си имаме чист пат кој е правно дефиниран со кандидатскиот статус од 2005 година и со мировниот пакт за соработка со Европската Унија – изјави Ѓорчев.

Ние немаме никаква потреба да се караме со Бугарите, додава тој, ама не смееме да ги одмолчиме фактите дека низ историјата постојат голем број земји-кандидати за членки на ЕУ кои го минаа истиот пат како нашиот, но без да им бидат поставувани услови како нашите.

– Никакви условувања нема за Украина, која во моментов забрзано чекори кон членство на ЕУ. Нема услови ни за Молдавија, немаше ни Србија во однос на проблемот со Косово, ама затоа за Македонија има услов најпрво да ги реши своите билатерални проблеми. Едноставно, преговарачката рамка не е добра за македонска државничка позиција. Таа е неправедна за нас и форсира решенија кои водат до конфликт. Не може само за нас да важат посебни правила. Ние кон Бугарија имаме изградено јасна позиција. Еднаш им попуштивме на Грците и видете што добивме. Ако им попуштиме на Бугарите, тогаш утре ќе треба да им попуштаме и на некои други, па од нас нема ништо да остане. Затоа, потребно е да имаме државничка позиција и да бараме истите правила кои важат за другите земји да важат и за нас – објаснува Ѓорчев.

Бугарија може да го поддржи Орбан во блокадата на Украина, за да го задржи правото на вето кон Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот