Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц / фото: Wikipedia

Бугарија бара истрага за извештајот на ЕП за Македонија, обвинува дека е компромитиран и необјективен

Извештајот за напредокот на Македонија и известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, се цел на обвинувања од страна на бугарските европратеници, кои на денешната дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ изнесоа сознанија дека Македонија недозволиво влијаела на содржината на извештајот.

Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, изјави дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на ЕП.

– Се обратив до раководството на Парламентот, со барање да биде запрено усвојувањето на тој документ, да се спроведе истрага и да се утврдат сите факти и состојби, како тоа една земја која е предмет на извештајот има достап до доверливи информации и работи од неговата содржина, со што тој е компромитиран и необјективен – рече Стојанов, додавајќи дека верува оти ЕП ќе реагира на ова и ќе најде излез од ваквата ситуација.

Неговиот сонародник Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), пак, ја праша Кос за какви тоа разговори за надминување на билатерално прашање меѓу Скопје и Софија таа говори.

– Нема билатерално прашање, ве молам, вие добро знаете. Во Заклучоците од 2022 година и во Преговарачката рамка, 27-те земји членки и земјата кандидатка се согласија на тоа. Тие не треба да го губат времето на нивните граѓани на Северна Македонија. Жал ми е што граѓаните на Северна Македонија загубија толку многу време, бидејќи не се исполнети Заклучоците на Советот од 2022 година – рече Ковачев.

Тој ѝ порача на еврокомесарката за проширување Марта Кос да не го користи терминот „билатерално прашање“, бидејќи, како што рече, нема такво нешто, туку само Заклучоци на Советот што мора да се исполнат за земјата да може да ги почне преговорите.

За ова прашање пишува и порталот EUalive, каде во долгиот извештај се наведува дека кон крајот на 2022 година, скандалот „Катергејт“ го потресе Европскиот парламент, разоткривајќи корупција преку пликови полни со пари и поттикнувајќи ветувања за нова ера на транспарентност и интегритет.

„Сепак, до јуни 2025 година, се појави поинаква, но подеднакво штетна контроверзност – онаа што се заканува да го попречи проширувањето на ЕУ, да ја поткопа довербата во институциите и да ги разоткрие ранливостите во механизмите за надзор на ЕП. Овој пат, скандалот не се фокусира на личното збогатување, туку на суптилното, континуирано влијание на владата на трета земја: Северна Македонија“,  пишувa во текстот на порталот.

Во центарот на обвинувањата е Томас Вајц од групата на Зелените/ЕФА, известувачот на ЕП за напредокот на пристапувањето на Северна Македонија, кој е обвинет за координација со Скопјe за да се изготви едностран извештај, за прикривање на критични состаноци, за протекување на доверливи нацрти, за маргинализирање на спротивставените гласови и за неисполнување на својата должност како неутрален известувач.

„Оваа истрага се потпира на обемни докази: Регистарот за транспарентност на ЕП, официјални документи, јавни изјави на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, независно известување од невладини организации и балкански медиуми и одговориte на Вајц. Заедно, тие откриваат загрижувачки модел на злоупотреба на процедури и странско влијание што ја загрозува рамката за проширување на ЕУ и кредибилитетот на Pарламентот.

Улогата на известувачот на ЕП е јасна: да спроведува неутрално утврдување на фактите, да ги вклучува сите легитимни засегнати страни и да го зачувува институционалниот кредибилитет. Во контекст на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, оваа улога е особено чувствителна, со оглед на тековните нерешени прашања на земјата со Бугарија околу историјата, идентитетот и правата на малцинствата. Консензусот на ЕУ од 2022 година за пристапниот пат на Северна Македонија воспостави деликатна рамнотежа, барајќи од Скопјe да се справи со овие прашања, додека ги унапредува реформите“, се наведува во текстот.

Вајц на денешната дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, порача дека е јасно оти мора да се извршат уставните измени за да може државата да ги почне преговорите за членство, но мора да се има предвид и дека таа веќе 20 години чека на старт на преговарачкиот процес и спроведе значителни реформи во усогласувањето на своето со европското законодавство.

Тој ја запраша европратеничката Марта Кос колку е посветена на прашањето на помирувањето во регионот и на добрососедските односи, во услови кога постојат проблеми во односите како во некои од самите земји од Западниот Балкан, како во БиХ или Црна Гора, или меѓу нив, како меѓу Косово и Србија, но и на западнобалканските држави со соседите членки на ЕУ, како со Хрватска, Грција или Бугарија.

– Има многу прашања што треба да се решаваат, кога станува збор за идентитетот, за историјата, всушност за помирување со надминување на споровите од минатото. Ние тоа го направивме во Европската Унија. Да се признае лошото што се правело во минатото, но и заедно да се инвестира во меѓусебните односи. Мислам дека тоа е она на што треба посебно да се фокусираме – рече Вајц.

БГНЕС: Европскиот парламент ќе го признае македонскиот идентитет и јазик во претстојниот извештај

Кос претходно денеска се понуди како олеснувач во разговорите меѓу Бугарија и Македонија.

Марта Кос се нуди како олеснувач во разговорите меѓу Бугарија и Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот