
Брус Спрингстин жестоко го нападна Трамп: „Треба да заврши во корпата за ѓубре на историјата“
Американската рок ѕвезда Брус Спрингстин го засили политичкиот тон на своите настапи, изјавувајќи за „Тајм“ дека „апсолутно не го интересира“ што мисли претседателот Доналд Трамп за него, додавајќи дека доколку Конгресот покажел „малку храброст“, претседателот ќе бил „испратен во корпата за ѓубре на историјата“, повикувајќи ја публиката да се изјасни против авторитаризмот, пишува „Индепендент“.
Препорачано
На сцената како дел од овогодишната турнеја „Земја на надежта и соништата“, Брус Спрингстин нè потсети зошто неговите концерти отсекогаш биле општествен коментар.
„Во мојата татковина, Америка што ја сакам, за која пишував и која беше св етилник на надеж и слобода 250 години, моќта е во рацете на корумпирана, некомпетентна и предавничка администрација“, рече тој, повикувајќи ја публиката да „се крене, да го крене гласот против авторитаризмот и да дозволи слободата да одѕвони“.
Ваквите пораки брзо предизвикаа реакција од претседателот Трамп на Truth Social, каде што го навреди музичарот и му рече да „молчи“ додека не се врати во земјата. Спрингстин не одговори со навреди, туку со став: „Апсолутно не ме интересира што мисли за мене“.
Во интервју за „Тајм“, тој објасни зошто не планира да го ублажи тонот: „Ако сакам да останам верен на тоа кој се обидувам да бидам, не можам да дозволам да им помине на овие момци. Многу луѓе им веруваа на неговите лаги … Не му е гајле за заборавените, се грижи само за себе и за мултимилијардерите кои стоеја зад него на инаугурацијата“.
Тој додаде дека е потребно да се признае еден непријатен дел од реалноста: „Треба да се соочиме со фактот дека добар број Американци едноставно се чувствуваат удобно со политиката на моќ и доминација.“
Иако најжестоките стрели беа насочени кон претседателот, Спрингстин не ја поштеди ни другата страна – демократите .
„Очајно ни е потребна ефикасна алтернативна партија или Демократската партија да најде некој што може да зборува со мнозинството од нацијата“, рече тој, истакнувајќи го проблемот со „наративот што го користат и начинот на кој се обидуваат да допрат до луѓето“.