
Брисел „го подбра“ Додик за глумењето дека е Трамп и Путин, тој луто одговори
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги предупреди властите во еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, Република Српска, дека со најавеното донесување на закон со кој ќе се ограничи работата на невладините организации, но и ќе се укине концептот на родовиот идентитет, сериозно го доведуваат во прашање својот европски пат.
Препорачано
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, оваа недела најави донесување строг закон за регулирање на работата на невладините организации и институциите на цивилното општество. Сите такви организации кои примаат какви било донации од странство, доколку законот биде донесен, ќе бидат третирани како „странски агенти“, по примерот на сличната дезигнација што ја користи режимот на Владимир Путин во Русија.
На тие организации, според законот, им се забранува секаква политичка активност и тие се подложуваат на посебен режим на надзор, а министерството за правосудство на ентитетот Република Српска ќе има овластување во секој момент и без објаснување да ја укине нивната регистрација.
Слично законско решение Парламентот на РС веќе разгледуваше во 2023 година, но ентитетската влада го повлече од процедура по предупредувањето од Брисел дека содржината е спротивна на вредностите на ЕУ.
„Ако е тоа прекин на европскиот пат, во ред. Нема вие нам да ни кажувате тука што да правиме“, рече Додик денеска, најавувајќи го усвојувањето на законот.
Власта на Додик во Бања Лука, очигледно охрабрена од сличните потези на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, прифати и од кривичниот законик на РС да се избрише терминот „родов идентитет“, што во пракса значи укинување на заштитата од насилство и омраза на лицата кои родово различно се изјаснуваат во однос на полот од раѓањето.
„Европската Унија истакнува дека, ако Босна и Херцеговина тежнее кон иднина во ЕУ, не смее да отстапи од нејзините темелни вредности. За домашните власти е клучно да обезбедат средина која овозможува ефикасно функционирање на цивилното општество, во согласност со меѓународните обврски на земјата околу човековите права и европската перспектива, исто како и заштита на стандардот за забрана на дискриминацијата“, се наведува во изјавата на делегацијата на ЕУ.