
Брифингот на Брнабиќ во Брисел е откажан, таа си прави свој
Непрофитната организација „Европски центар за политики“ со седиште во Брисел го откажа брифингот со претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, кој беше најавен за 12 септември во Брисел.
Препорачано
Откако панелот „Србија: Стратешка земја-кандидат на критична раскрсница“, на кој Ана Брнабиќ требаше да зборува во Брисел беше откажан по нејзините изјави за Европската унија, претседателката на Собранието и мисијата на Република Србија во ЕУ одлучи да организираат свој настан, пренесува Н1.
„Со оглед на непрофесионалното и во последен момент откажување на панел-дискусијата со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ од страна на Европскиот политички центар, првично закажана за 12 септември, одлука што е спротивна на духот на европските вредности, отворениот дијалог и слободата на изразување – Мисијата на Република Србија во ЕУ со задоволство ја користи оваа можност да организира ексклузивна дискусија“, се наведува во објава на мрежата X на Мисијата.
Најавата е панелот ќе се одржи во просториите на Мисијата на Република Србија во ЕУ, Булевар ду Регент 53, 1000 Брисел, на 12 септември во 10:00 часот.
„Дискусијата ќе опфати широк спектар на теми – преговорите на Србија за пристапување во ЕУ, како и актуелната политичка ситуација во земјата. Ова е единствена можност директно да се разговара со претседателот на Собранието, да се постават прашања и да се дознае повеќе од прва рака за актуелните прашања што ја засегаат Србија“, изјавија тие.
Ги замолија заинтересираните да го потврдат своето присуство најдоцна до четврток, 11 септември, во 17:00 часот, на е-поштата на Мисијата на Србија.