Претседателот Пендаровски на Процесот Брдо-Бриони/Фото: Кабинет на ПРСМ

Брдо-Бриони: Лидерите од регионот ќе разговараат за евроинтеграциите, климатските промени и иселувањето на младите

Десет години по одржувањето на првиот состанок на Процесот Брдо-Бриони, претседателот Стево Пендаровски утре во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот. На состанокот, како што е најавено, ќе учествуваат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, во улога на ко-домаќини, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ во Скопје, акредитирани се 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот