Раст на цените/ Фото Слободен печат

Брашно се увезува по повисоки цени, зејтин се продава под производствена цена

Фабриката „Кристал“ ја намали цената на маслото за јадење и сега се продава за 4 денари под производствената цена. Целта зошто тоа се прави е да се исплатат сите производители на сончоглед што го предале родот, до Нова година, вели Румен Смилевски, претседател на Одборот на директори во „Кристал 1923“

Нема проблеми да се увезат стратешките производи какви што се брашно, сончогледово нерафинирано масло и шеќерот, вели Румен Смилевски, сопственик на велешката компанија „Малина“, преку која тој долги години ги увезува овие стратешките прехранбени производи, а од неодамна неговата компанија е и акционер во компанијата „Кристал 1923“, поранешна „Благој Ѓорев“, позната кај народот и како велешка маслодајна. Тој во разговор за „Слободен печат“  вели дека гледа заголемен интерес кај земјоделците и порачува дека е важно Македонија што е можно повеќе сама да произведува храна.

Смилевски вели дека во моментов „Кристал“ произведува масло за јадење 100 проценти од домашниот сончоглед и дека прават напори да заинтересираат што повеќе земјоделци да се свртат кон оваа стратешка култура.

– Фабриката „Кристал“ ја намали цената на маслото за јадење и сега се продава за 4 денари под производствената цена. Целта зошто тоа се прави е да се исплатат сите производители на сончоглед што го предале родот, до Нова година, како што сме го правеле тоа и до сега. Овој пат имаме откупено над 10.000 тони сончоглед, па требаат повеќе пари за да им се плати на земјоделците. Место да земаме кредити и да плаќаме камати, решивме по поевтина цена од производната да го продадеме маслото за јадење – вели Смилевски.

Тој објаснува дека некогаш фабриката откупувала и по 40.000 тони сончоглед, но и дека има многу поголем капацитет за преработка.

– Нè радува што сончогледот се враќа на нивите и сакаме да инвестираме и да поттикнеме уште поголемо садење. Во таа насока има и добри мерки од државата што ги користат земјоделците, а од нас имаат гарантиран откуп и договорна цена за сончогледот. Оваа успешна приказна веќе се шири меѓу земјоделците, затоа сум сигурен дека в година ќе имаме уште повеќе домашен сончоглед – вели Смилевски.

„Кристал 1923“ е единствена фабрика во државава што може да произведува масло за јадење од сончоглед, додека другите прават увоз на нерафинирано масло кое го доработуваат. Кога ќе го потроши домашниот сончоглед, „Кристал“ може да увезе сончоглед, но исто така има технологија и за преработка на нерафинираното масло за јадење што би се увезло.

По веста дека Русија го блокира извозот на житото по Црното Море, од берзите стигнуваат вести за раст на цената на житарките.  За Македонија особено е интересно брашното од Србија од каде што увезуваме поголеми количини.

– Јас увезувам брашно од Србија и можам да кажам дека се оствари она за што зборував уште пред еден месец анализирајќи ги состојбите, а тоа е дека брашното од Србија ќе поскапи за околу 10 проценти.  Точно така и се случи, неговата цена се зголеми од 420 евра за тон на 460 евра за тон – вели Смилевски.

Српските медиуми известија дека има раст на цените на шеќерот. Но, Смилевски вели дека ние повеќе увезуваме од Босна и во моментов шеќерот кај нас е поевтин отколку во Србија.

– Во однос на цената на шеќерот имаме намалување на цената за околу 1,5 проценти. Во Србија цената е 1 евро за килограм, кај нас е малку помала, некаде 55 денари. Ние имаме договор за увоз со Босна, таа има понуда на големи количини, а има и поевтина струја поради што производот од таму е поевтин – објаснува Смилевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот