Илустрација / rawpixel.com / U.S. Navy Medicine

Бостон: Повеќе медицински сестри од исто болничко одделение добиле тумори на мозокот

Неколку медицински сестри кои работеле на ист кат во болница во Бостон, во американската сојузна држава Масачусетс, се разболеле од тумори на мозокот, но истрагата на болницата утврдила дека во таа установа немало никаков ризик за животната средина, што наишло на сомнеж од синдикатот на медицинскиот персонал, пренесоа американските медиуми.

Официјални лица од болницата Њутон-Велсли во Бостон соопштија дека досега се идентификувани пет случаи на тумори, но сите се бенигни, пренесува „Њујорк пост“.

Сите случаи се регистрирани на петтиот кат во болницата, на одделението за породување.

Една од заболените медицински сестри изјавила, меѓутоа, дека на дури 10 вработени во ова одделение во изминатите години им бил дијагностициран тумор на мозокот, кој во некои случаи бил од малигна природа.

Таа изјавила за „Си-би-ес“ дека три-четворица нејзини колешки веќе биле оперирани и ја обвинила болницата дека не дава доволно поддршка.

Според нејзините зборови, сите тие случаи на тумор не можат да бидат случајност.

Болницата во декември минатата година покрена истрага во која учествувале нејзини стручњаци, како и претставници на Министерството за медицинско работење, како и консултант за квалитет на воздух, вода и нивоата радијација.

– Врз основа на резултатите од темелната истрага, сакаме да го увериме нашиот персонал и сите пациенти дека нема ризик за животната средина во болницата Њутн-Велсли – е наведено во соопштението на болницата.

Здружението на медицински сестри од Масачусетс (МНА), меѓутоа, не беа задоволни со тие наводи, соопштувајќи дека тестовите извршени во болницата не биле сеопфатни, па затоа покренале сопствена истрага, што е во тек, пренесува „Танјуг“.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот