
БОШ Фестивал: Два дена современа уметност и алтернативна култура во Гевгелија
Градот Гевгелија на 29 и 30 август беше центар на алтернативната културна сцена со одржувањето на 17-то издание на меморијалниот „БОШ Фестивал“, посветен на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски, кој имаше потекло од Гевгелија.
Препорачано
Како и претходните години, така и во текот на овие два дена, градот Гевгелија живееше со концерти, изложби, видеоинсталации, филмски проекции и улични акции, кои го потврдија мултимедијалниот карактер на фестивалската програма.
Првиот ден, 29 август, фестивалот беше најавен со „Фијук“ (саем на независно издаваштво), кој беше отворен на платото пред Домот на културата во Гевгелија. На истиот се претставија околу 30-ина излагачи од Гевгелија и регионот (Скопје, Солун, Белград, Гетеборг), а беше промовирано и ново издание на фанзинот на современ цртеж „На пример“ во кој гураторот Сали Ертунч претстави различни автори преку темата „Азган“.

Официјалната фестивалска програма беше отворена во Галеријата на Амамот и Домот со самостојни изложби на Марија Сотировска Богдановска и Столе Ангелов, видеоинсталација на Јован Гаковски и изложбен салон на уметнички книги на 10-ина автори и издавачи од цела Европа, меѓу кои беа и „Арт еквилибриум“ и „Партизанска штампа“.
Програмата пред Домот на културата беше затворена со селекција на кратки македонски филмови, со што платото во центарот на Гевгелија се претвори во вистински собирен простор, каде публиката имаше можност да ужива во разговори, филмови, музика и визуелни поставки. Вечерта беше затворена со диџеј-сет на Мартчин во кафе-барот „У“, во атмосфера на заедништво, идеи и комуникација на подиумот.

Вториот ден, 30 август, продолжи со „Естетика, постмодернизам и филм“, дискусија и проекции на филмови на режисерите Јане Алтипармаков и Саша Станишиќ. По овој настан следуваа концертите на Пијан Славеј и „Харакири“.
Публиката, составена од локални жители и гости од регионот, активно учествуваше во настаните и создаде атмосфера на заедништво и слободен креативен дух. Музичките концерти уште еднаш ја потврдија енергијата на авторската музика. Пијан Славеј со својот музички прецизен и оригинален израз ја разбудија страста и сјајот во очите на публиката, за „Харакири“ да пленат со својата младешка звучност и да покажат дека се бенд со огромен потенцијал кој никого нема да го остави рамнодушен.

Последниот ден, е надвор од програмата, но е во река на падините на планината Кожуф. Односот кон природата е еден од постулатите на БОШ, да застанеме за момент и да ѝ дадеме на реката да тече.
– Со ова издание, БОШ уште еднаш потврди дека е платформа што ја негува алтернативната култура и создава простор за уметничка размена надвор од главните културни центри. Фестивалот останува препознатлив по својата упорност, независност и силната енергија што ја носи во градот секоја година веќе 17 години по ред. Имено, токму затоа што е органски и посветен на животот, целта му е одново секоја година да потсетува дека не смееме да престанеме да се трудиме да твориме и да комуницираме – истакнува Марија Стојанова, уметнички координатор на БОШ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)