Бојмацалиев: Над 100.000 граѓани уште ги чекаат пасошите иако уредно платиле и се сликале
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев запрашан за застојот во издавање на личните документи образложи дека со доаѓањето на техничката влада, министерот направи некои реформи, познати од само нему некои лични причини, коишто не донесоа никаков резултат.
-Според последните сознанија што ги имам и бројките што ги побарав, над 100.000 граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. А само ќе напоменам дека пред техничката влада, сите граѓани ги добиаа своите лични документи во рок од 15 дена. Но за среќа техничката влада завршува за брзо па ќе ги вратиме управните служби на прав колосек, граѓаните ќе бидат сликани и услужени за 15 дена да ги имаат своите документи, потенцираше дополнителниот заменик министер Бојмацалиев.
Тој додаде дека за тоа зборувал уште од првиот денл, но не нашол на разбирање од техничкиот министер за внатрешни работи.
-Не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите, а да не им ги дадеме пасошите. Граѓаните чекаат некаде веќе два и пол месеци за одредени документи за кои уредно си платиле и се сликале, рече Бојмацалиев.