Доделени благодарници за тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб / Фото: Влада

Благодарници за тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб

Тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб во земјава денеска доби благодарници од премиерот Димитар Ковачевски за „историскиот подвиг во македонското здравство“.

Како што информираше владината прес-служба, Ковачевски изразил благодарност до семејствата кои во најтешките мигови од животот, одлучуваат да ги донираат органите на нивен близок починат.

Благородни се тие луѓе, семејства, кога во моменти на најтешка болка и страдање со својата одлука ја враќаат единствената надеж кај друго семејство, кај друг човек, кај пациент. Во период од три години, почнувајќи од 2020 година до јануари годинава, 18 семејства дадоа согласност од нивните блиски да се подарат и трансплантираат органи и подарија живот на десетици пациенти. Ви благодариме!, порача премиерот.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа клиника, проф. д-р Зоран Караџов истакнал дека со реализацијата на овој проект нашата држава стана дел од групата земји кај кои се изведува оваа процедура која претставува една од најсофистицираните во областа на трансплантологијата.

Ние, овој проект го реализиравме сами, без помош од надвор. Покажавме дека можеме, знаеме и умееме. Со голем ентузијазам, голем труд и пожртвувваност на сите оние кои беа вклучени во овој процес. Резултатот е дека во еден кратко период на клиниката за дигестивна хирургија се изведени две успешни трансплантации на црн дроб кај возрасни лица, рекол д-р Караџов.

Благодарност за заложбите на Владата и за поддршката изрази и проф. д-р Светозар Антовиќ од Клиниката за дигестивна хирургија.

Ова денешно признание кое ни го оддава премиерот е многу важно за сите нас, тоа ни влева надеж дека и Владата и премиерот разбираат точно колку голем, огромен успех сме направиле и дека ќе ни бидат достапни за да изградиме систем кој ни е навистина потребен. Многу ми е мило за ова признание не само од личен туку и од професионален аспект и верувам дека така го доживуваат сите на овој тим, истакнал д-р Антовиќ.

На средбата присуствувал и Драган Белески, пациентот на кого му беше транспортиран црн дроб.

Сакам да упатам голема благодарност до луѓето на кои им го должам мојот живот. Благодарение на нивната одлука јас сум денеска овде со вас. Со зборови не може да се објасни колку е голема радоста на болен човек кога ќе му се подари живот и кога некој кој ниту го знае ниту го познава ќе го стори тоа. Сакам да се заблагодарам на сите лекари и медицински персонал кои низ годините се грижеа за мене, бидејќи јас бев нивни долгогодишен пациент и посебна благодарност да упатам до докторите и целиот тим кој ми го трансплантирше црниот дроб. Благодарам што ми подаривте живот, истакнал Белески, стои во соопштението од владината прес-служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот