
Битка на градските ривали: Интер е во подобра форма, но Милан во ЛШ не смее да се „отпише“
По вчерашното полуфинале помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити денес фокусот на фудбалската јавност е кон Италија каде што првата битка за финале ќе ја одиграат Милан и Интер.
Препорачано
На почетокот на сезоната малкумина веруваа дека миланските тимови можат да стигнат толку далеку во Лигата на шампиони.
Милан минатата сезона ја освои шампионската титула во Серија А, па целта за оваа сезона беше да направи исчекор во Лигата на шампиони. Сепак, ретко кој веруваше дека „росонерите“ можат да се борат за финале. Тие беа аутсајдер и против Тотенхем и против Наполи, но сепак покажаа дека имаат квалитет и знаат како да играат европски натпревари. Милан во својата ДНК ја има Лигата на шампиони, па секогаш игра најдобро кога е најпотребно. Овој натпревар е четврта пресметка помеѓу градските ривали сезонава, а „росонерите“ победија само на еден, па затоа повторно немаат улога на фаворит.
Лоша вест за Пиоли е секако повредата на Леао, неговиот настап е неизвесен, но многу поголеми се шансите да го пропушти овој меч. Иако е домаќин не се очекува од Милан безглаво да тргне кон победа, па би можеле да гледаме тактичко одмерување и голема битка, пред се на средината на теренот.
Интер беше во најтешката група заедно со Баерн Минхен и Барселона, па кога успеа да се пласира во нокаут фазата тоа му даде голема самодоверба на тимот. За разлика од групната фаза, Интер во нокаут фазата го имаше можеби најлесниот пат до финалето затоа што ги елиминираше португалските гиганти Бенфика и Порто, тимови кои не се за потценување, но секако се далеку од најдобрите во европскиот фудбал.
Натпреварот против Милан го дочекуваат во можеби најдобра форма од почетокот на сезоната, по неколку одлични резултати во низа имаат и победа од 6:0 против Верона. Во Серија А моментално Интер се наоѓа на 4-то место, што е и главна цел, а успеаа да се пласираат и во финалето од Купот. Интер на последните два меча супериорно славеше над градскиот ривал, па со голема самодоверба влегува во овој меч и сигурно ќе сака да оствари позитивен резултат пред реваншот. Според букмејкерите Интер е фаворит, но ќе терба да ја оправда таквата улога.