
Битиќи: Македонија со најнизок економски раст во регионот според Светска банка
Нашата земја има најниска проекција за раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2%. Истовремено Светска Банка забележува дека земјата се соочува со проширен фискален дефицит, слабеење на трговската позиција, номинално забавување на инфлацијата, но притоа идентификувајќи домашни ценовни притисоци кои сигнализираат дополнителни ризици за стабилноста на куповната моќ, изјави пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи. Сето ова, вели тој, упатува дека просторот кој Светска Банка го детектира за брзо економско закрепнување е многу потесен отколку што се претставува во јавноста од страна на Владата.
Препорачано
Битиќи вели дека со оваа надолна ревизија на проекциите, Светската банка укажува дека македонската економија во моментов не покажува динамика која би можела да поддржи стапка на раст над 3%.
„Во таков контекст, проекциите за 3,7% или дури 4% што ги слушаме од одредени владини претставници, се повеќе личат на претпоставки, отколку на факти произлезени од економска анализа.
Најдобра потврда за тоа се тековните макроекономски индикатори. Индустриското производство, како чувствителен барометар на реалната економија, покажува длабоко нестабилна слика. Од септември до декември 2024 година бележеше континуиран пад, со минимален позитивен раст во јануари од 1,4%, за потоа повторно да се врати во негативна зона од -0,8% во февруари. Овие флуктуации упатуваат на отсутност на предвидливост и стимулативна економска политика.
Истовремено, имаме нарушувања во ликвидноста кај компаниите – поради доцнење на повратот на ДДВ и на исплатата на договорните обврски од страна на државата – што дополнително ја згаснуваат економската активност. Времето за кое фирмите чекаат наплата од државата достигнува од 6 до 9 месеци, што е системски ризик кој ја намалува стопанската активност“ објаснува Битиќи.
Според него, дури и проектираниот раст од 2,6% граѓаните нема да го почувствуваат.
Инфлацијата и понатаму ја нагризува куповната моќ – индексот на трошоци на живот во првите три месеци од годинава се движи од 2,7% до 5,0%, додека цените на мало растат со слична динамика од 2,2% до 5,2%, што значи дека основните производи стануваат сè помалку достапни. Северна Македонија останува земја со најниски плати во регионот, а истовремено со едни од највисоките цени. Додека пак владините мерки за ограничување на маржите, онлајн објавување на цените од страна на маркетите, како и симболичните обиди со „новогодишната кошничка“ останаа без резултати. Празничната трпеза за Први Мај ќе биде поскапа и поскромна за работниците, заклучува Битиќи.