Локација на руски камп во Србија / Фото:БИРН

БИРН: Руски паравоени кампови во српските и босанските шуми – во нив се обучувале молдавски платеници

Ново истражување на БИРН и молдавскиот медиум CU SENS открива каде и кој ги обучувал молдавските учесници во немирите во земјата минатата година. Според истражувањето, во паравоените кампови платени од Русија, а лоцирани во Србија и Босна, молдавските платеници биле регрутирани и обучувани пред претседателските избори во Молдавија.

„Не сакаш да одиш? Да научиш како да се браниш?“ Ова прашање го одвело 41-годишниот Максим Роска од Молдавија во Србија и Босна, каде што бил обучен од руски инструктори во паравоени кампови скриени во шумите на границата меѓу двете балкански земји. Роска бил уапсен во октомври 2024 година, со група луѓе за кои молдавските обвинители тврдат дека се подготвувале да предизвикаат масовни немири пред, за време и по претседателските избори во земјата, на кои проевропската претседателка Маја Санду на крајот освои уште еден мандат, победувајќи го прорускиот кандидат Александар Стојанов.

По изборите, Европската комисија изјави дека „руското мешање во изборниот процес“ за време на кампањата било „без преседан“. Роска сега е сведок во судски процес во Молдавија против неколкумина учесници и организатори на кампови за обука одржани на Балканот. Случајот оттогаш е поднесен од страна на босанското обвинителство, дознава БИРН. Молдавското обвинителство тврди дека обуките се одржале во Србија и Босна и Херцеговина од август до октомври 2024 година, а дека инструкторите биле лица поврзани со руската платеничка група Вагнер и неколку лица под санкции на ЕУ.

Молдавија започна истрага за групата во септември 2024 година, откако нејзината безбедносна агенција СИС добила дојава. Роска беше уапсен на 11 октомври, а шест дена подоцна, српските медиуми објавија дека БИА, во соработка со полицијата, „спровела акција против нелегалните активности на рурален имот во близина на Кучево“. Речиси сите прорежимски медиуми (во Србија) објавија дека за време на претресот, меѓу другото, биле пронајдени четири дронови со придружна опрема, очила за виртуелна реалност, опрема за „фаќање“ дронови, опрема Starlink за воспоставување сателитска комуникација, радио станици, импровизирани рачно изработени батерии, како и фосфор и други запаливи течности и часовници кои најверојатно се користеле за активирање на запаливи супстанции.

Заштитениот сведок ги откри деталите

Роска се согласи да разговара со новинарите на CU SENS во два наврати, откривајќи колку и како биле платени учесниците, кој ги регрутирал и што научиле во камповите. Тој дошол на обуките во БиХ и Србија на покана на деловниот соработник на неговата сопруга – Анатолиј Призенко. Призенко оттогаш е уапсен. Молдавскиот обвинител Виталиј Киска вели дека Призенко одиграл важна улога во организирањето на обуките во БиХ и Србија и дека идентификувал и регрутирал нови членови, кои потоа патувале надвор од Молдавија.

Роска, исто така, го идентификувал Мирчо Ангелов, бугарски државјанин, како лицето кое донело храна за учесниците во кампот. Неговото име е веќе познато на медиумите – тој беше споменат како друг учесник во акцијата во Париз. Тој бил водач на неонацистичка навивачка група во Бугарија, а самиот носи неонацистички тетоважи. БИРН не можеше да го контактира Ангелов за коментар. Според полицијата, Призенко организирал турнири во пејнтбол и идентификувал лица за време на нив кои потоа биле испратени на обука на Балканот. Призенко е под санкции на ЕУ од декември минатата година поради неговата улога во боењето на Давидовата ѕвезда во Париз во октомври 2023 година.

Тој јавно изјави дека им платил на молдавски граѓани да ја бојат ѕвездата во операција за која медиумите објавија дека е спроведена за руската разузнавачка служба, ГРУ, со цел продлабочување на тензиите во Франција.

Неговиот адвокат одби да разговара со новинарите на CU SENS. По поканата на Призенко да се приклучи на камповите, Роска патувал со авион или автомобил низ Србија и Босна и Херцеговина. Според канцеларијата на молдавското обвинителство, Молдавците дошле на Балканот во два наврати, прво помеѓу 1 и 16 август, а потоа помеѓу 22 август и 11 октомври 2024 година – Роска патувал на обете тури. На учесниците им биле одземени телефоните и пасошите, кои им биле привремено вратени еднаш или двапати – само кога им било дозволено да влезат во градот. Во камповите, тие научиле како да управуваат со беспилотни летала и како да се борат. Роска вели дека биле обучени за „работи како спорт и психологија“.

На прашањето како им била објаснета причината за таквата обука, Роска вели дека на почетокот инструкторите не дале објаснувања. „Потоа рекоа „ве обучуваме за да“… како да го кажам? „За да немате војна, мораше да извршувате такви и такви задачи“, објаснува тој.

По десет дена во кампот, според Роска, на учесниците им било кажано дека ќе бидат платени помеѓу 300 и 500 долари. Тој вели дека бил платен во криптовалути. Првиот пат кога патувал на Балканот, Роска отпатувал за Бања Лука преку Турција. Откако се искапале и јаделе, групата од – како што рече – девет Молдавци и тројца Руси, го продолжила своето патување до кампот во шумата. За време на едно од судските рочишта во Молдавија, Гламочани, село кое се наоѓа северно од Бања Лука, во близина на поранешниот воен аеродром Залужани, било наведено како приближна локација на обуката во Босна и Херцеговина. Вториот пат, Роска, како што им кажа на новинарите, патувал од Молдавија до Србија со автомобил со уште двајца Молдавци, од каде што со автобус биле префрлени во Босна и Херцеговина, во истиот камп како и првиот пат. Роска ги оставил во кампот и се вратил по една недела, кога им било кажано дека ќе мора да бидат префрлени во Србија, заедно со патниците што ги оставил зад себе, уште еден учесник од Молдавија и нивната опрема.

Роска им потврдил на новинарите дека локацијата на кампот е Раденка, село во Србија во близина на границата со Романија. Според Роска, тие морале да ја напуштат Раденка во октомври, бидејќи веќе било ладно во шаторите, а добиле предупредување преку „Телеграм“ од член на групата дека ќе бидат уапсени. Во февруари 2025 година, екипа на БИРН пронајде изгорени парчиња хартија, остатоци од пластична церада и саѓи на земја во оддалеченото село Раденка, на локација каде што биле поставени шатори кон крајот на летото 2024 година, видливи на видеоснимка од молдавската полиција и фотографија од Безбедносната и информативна агенција на Србија од октомври 2024 година. БИРН ја геолоцираше локацијата со анализа на достапните видеа и фотографии од молдавската полиција и потврди дека станува збор за ливада оддалечена околу десет минути од населениот дел на селото Раденка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот