Христијан Мицкоски/ Фото: Фејсбук

Без стручна и одговорна администрација нема ниту држава, веруваме во вас но очекуваме и резултати, им порача Мицкоски на државните службеници

Без силна, стручна, одговорна и почитувана јавна администрација, нема ниту држава, ниту реформи, ниту вистинска демократија, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод Меѓународниот ден на јавната администрацијана.

Денешниот ден, според Мицкоски, не е само формалност, туку повик за реформи, и конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација.

„Дојде време за промена. Вистинска промена. Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално“ рече Мицкоски.

Тој нагласи дека изминатата една година започна акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која претставува основа за транспарентност и многу други проекти.

„Во овие 12 месеци, не ветувавме – туку работевме. Ја започнавме акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, како основа за транспарентен и одржлив процес на консултации при изработка на законите. Го формиравме новото срце на реформата – Академијата за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат да овозможи стандардизирана и континуирана едукација на национално и локално ниво. Реализирани се над 100 обуки, а преку новата е-платформа LMS, над 100.000 службеници имаат пристап до курсеви, тестирања и евалуации.

Се дигитализираше и надгради Системот за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, со што за прв пат институциите имаат реална, точна и целосна слика за кадарот, учинокот и потребите. Се усвои стратегијата за реформа на јавната администрација, усогласена со методологијата на ЕУ и стандардите на СИГМА – стратегија што не стои во фиока, туку се применува секојдневно. Правевме корекција на балансерот – од политичка алатка, го трансформиравме во инструмент на праведност. Праведност наместо политичка математика. Се унапредија порталите ЕНЕР и OGP – овозможувајќи на граѓаните директно учество во креирање и следење на политиките. Родовата еднаквост и социјалната инклузија се интегрирани како норма во сите политики – не како привремена агенда, туку како вредност на оваа Влада“, нагласи Мицкоски.

Најави дека јавната администрација ќе ја направат место за шанса а не за порази, посочувајќи дека ќе се врати достоинството на јавниот службеник, но и ќе се воведат повисоки критериуми за отчетност. На јавните и државни службеници им порача дека верува во нив и нивната енергија, посветеност и способност, но дека очекува резултати.

„Јас верувам во вас. Верувам во вашата енергија, вашата посветеност и вашата способност. Ние ве поддржуваме – но и очекуваме резултати. Очекуваме партнерство. Очекуваме искрен труд. Денес, ја почитуваме вашата улога, но од утре – заедно продолжуваме по нов пат. Пат на модерна, дигитална, инклузивна и ефикасна администрација. Честит ден на јавните службеници! Честит нов почеток за македонска јавна администрација“, вели премиерот Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот