
Без конкретни мерки против загадување, воздухот во Скопје се чисти само со дожд и со ветар
Со години само се ветува, но речиси ништо не се презема ни на локално, ниту на централно ниво. Град Скопје во Програмата за заштита на животната средина за оваа година предложи само една мерка за заштита на воздухот, односно бесплатен јавен превоз во деновите на преголема загаденост и кога на сила се мерките на Владата за заштита на населението.
Само дожд и ветар го намалуваат загадувањето во Скопје, врз кое ниту градските ниту општинските власти досега не успеваат да влијаат, а и на централно ниво состојбите само се констатираат, додека конкретните решенија сѐ уште се само во најава. Па, така, годинава уште во ноември главниот град, како и години наназад, е високо на списокот на најзагадени градови во светот, најчесто во друштво со градови од Индија, Пакистан, Кина, Уганда, но и со градови од балканските земји.
Препорачано
Денешниот дожд привремено го симна Скопје од четврто на 15. место на овој список, но во текот на вечерните часови, кога ќе започне дивото палење гуми и кабли, концентрацијата на отровите во воздухот повторно ќе го вивнат кон врвот.
Во изминатиов викенд гореа диви депонии во Визбегово и тоа на пет локации, а на терен дејствуваа инспектори на Град Скопје, пожарникарите и екипи на неколку јавни претпријатија. Како што тврдат од Град Скопје, само во текот на викендот скопските инспектори за животна средина и комуналните инспектори изрекле казни на повеќе од 25 сторители.
Сѐ досега единствено Градот Скопје реагира, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но за тоа не се постапува иако имаат законска обврска – посочија од Градот и апелираа до Владата, а особено до Министерството за животна средина на овој проблем да му пристапат сериозно.
Помалку средства за животна средина во буџетот за 2024
Но, токму Град Скопје во Програмата за заштита на животната средина за оваа година предложи само една мерка за заштита на воздухот, односно бесплатен јавен превоз во деновите на преголема загаденост и кога на сила се мерките на Владата за заштита на населението. Покрај тоа, во буџетот за 2024 година беа намалени средствата за заштита на животната средина.
Советниците од „Зелен хуман град“ неколкупати до Советот даваа предлози со конкретни краткорочни и среднорочни мерки со кои би се намалило загадувањето, но и оние што Советот ги усвојуваше, Градот не ги спроведуваше. Советникот Горјан Јовановски дури на седница се појави и со гас-маска за да укаже на сериозноста од загадувањето и да алармира за непостапувањето на институциите.
Последната иницијатива беше доставена во јуни и прифатена од градските советници, која содржеше 19 препораки усвоени на првото граѓанско Климатско собрание на Скопје. Потоа, градските служби требаше да изработат предлог-одлука и да објаснат како ќе се имплементираат препораките, во кој рок и со кои средства. Досега такво нешто не е направено.
Меѓу мерките предложени во последната иницијатива беа воведување интензивна и редовна хигиена на улиците, потоа зголемување на површината со парк-шуми, паркови, зелени плоштади, дрвореди, зелени коридори и заштитно зеленило на ниво на Град Скопје, во согласност со климатските и географските карактеристики на градот и специфичните потреби на граѓаните, како и одржување на постојното урбано зеленило.
Но, како што посочува Јовановски, нема напредок во борбата со загадувањето освен што расте бројот на починати лица поради загадувањето на воздухот. Бројките за минатата година говорат дека поради отровите во воздухот починале повеќе од 5.000 луѓе. Според Јовановски, за да се надмине ваквата состојба, потребна е строга контрола врз индустријата, односно 24-часовен надзор на сите индустриски капацитети, но исто така треба сите грејни тела што загадуваат да се заменат со инвертери. Проблем според него е што нема контрола, одговорност и казнивост.
Домаќинствата и јавните објекти главни извори за загадување
Неколку студии на УНДП во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип покажаa дека главни извори на загадување на амбиентниот воздух се домаќинствата и јавните објекти што се греат на фосилни горива, но и сообраќајот, минералната прашина, која е поврзана со градежништво и ресуспензија на прашина од улиците, согорувањето отпад, како и согорувањето нафта и мазут што се користи за загревање некои јавни институции.
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ на својата мапа на загадувачи лоцираше околу 700 јавни објекти во Македонија кои се загадувачи, бидејќи се греат на нафта и мазут, меѓу нив стотина во Скопје – болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи. Ако е студена зимата, тие може да изгорат над 16,5 милиони литри нафта и над 4,8 илјади тони мазут.
Проблемот со загадувањето е огромен во сите градови, особено во Скопје. Ние како Министерство за здравство се обидуваме да изнајдеме некакво решение што помало да биде загадувањето – изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој најави нов проект, кој треба да стапи на сила наредната година.
Веќе имаме проект што помина на владина седница и до крајот на идната година треба да се стави во употреба. Се работи кај 10 болници каде што греењето ќе се замени од стандардно со мазут и нафта и ќе бидат вклучени начини на греење што нема да го загадуваат воздухот. Се надевам дека проектот ќе помогне многу – вели Таравари.
Министерот за животна средина Изет Меџити тврди дека приоритет на Министерството е токму загадувањето и дека на тој проблем, кој според него не може да се реши само со една мерка, интензивно работат.
Имаме акционен план за намалување на загадувањето на воздухот. Еден од проектите е гасификација на урбаните центри, иако неколкупати не успеал, треба да се изврши повторен обид бидејќи има заинтересирани компании кои би го спровеле ова преку јавно-приватно партнерство – изјави министерот.
Во Скопје има само пет државни мерни станици и една мобилна
Скопјани во последните години сѐ погласно го креваат својот глас барајќи чист воздух и здрава средина. За состојбата со загадувањето дознаваат најмногу преку податоците од мерните станици поставени од еко-здруженијата. Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање. Државата на целата територија на Скопје има поставено пет станици и тоа во Карпош, Центар, Ректорат, Лисиче и Гази Баба и една мобилна станица во Ѓорче Петров.
Но, честопати се случува една од нив да не работи или да мери само еден или два загадувачи. На пример, во моментов мерната станица Ректорат го прикажува само присуството на ПМ 10 честички во воздухот, а не дава податоци за ПМ 2,5 честички. Од Министерството досега не одговорија дали се планира да се оспособат сите станици и поставување нови други локации во Скопје.
Денешните мерења на овие мерни станици до кај 14 часот не покажуваа загадување, освен ниско со ПМ 2,5 честички. Во истиот период Скопје се „шеташе“ од 4-то до 15-то место и назад на списокот на најзагадени градови во светот на веб-страницата „IQAir“.