Протест ССМ / Фото „Слободен печат“ Методи Здравев
Протест ССМ / Фото „Слободен печат“ Методи Здравев

„Без достоинствени плати нема достоинствена работа“

Нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства, порачува Сојузот на синдикати на Македонија по повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа.

Од ССМ укажуваат дека платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, дека според нив, истите создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и дека затоа нивното зголемувањето е неопходно и итно.

– Работниците во Македонија се соочуваат со ниски плати, со несигурни работни места и се соочуваат со ограничено учество во процесите на одлучување. Затоа ССМ бара социјален договор и дијалог кој ќе обезбеди фер можности и социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, институции што работат во интерес на работниците и граѓаните и институции кои нема да бидат под влијание на корупција и дневните политики, велат од Сојузот на синдикатите.

Според ССМ, рестриктивните мерки, штедењето, стагнација на платите, пензиите и другите приходи на работниците и граѓаните во услови на инфлација и пораст на цените на основните животни продукти ја поттикнуваат сиромаштијата и ја намалуваат куповната моќ.

– Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремените работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност со што се залагаме за мерки и активности за сузбивање на сивата економија и непријавената работа, нагласува ССМ.

Оттаму посочуваат дека достоинствена работа за сите може да се постигне доколку заедно социјалните партнери, синдикатите, работодавачите, Владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност се обединат и ефикасно ги реализираат заеднички креираните активности во насока на развој на економските и општествените односи, но и со целосно почитување на работничките и граѓанските права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот