
Бендот „Лилит“ го објави својот прв албум „Чудо“
Македонскиот музички состав „Лилит“ неодамна го објави деби-албумот насловен „Чудо“. Албумот содржи 12 композиции, меѓу кои и четири веќе објавени синглови: „Чудо“, „Миризлива градина“, „Хоризонт“ и „Одговор“.
Препорачано
Јадрото на бендот го сочинуваат извонредниот вокал Емилија Колоска, Трајко Симоновски на бас-гитара, Иван Петровски на гитара, Филип Димишковски на клавијатури и Мартин Вучиќ на тапани.
Издавањето на албумот „Лилит“ го најави со виртуелен концерт во проширен состав, меѓу кои се тапанарот Сашо Стојановски, брас-секцијата составена од Сашко Николовски – Сале, Сенад Усеин и Кирил Кузманов, како и пратечките вокали Калина Велковска и Полина Тасева.
Интересно е и што членовите на бендот себеси се опишуваат како „луѓе од различни планети кои Лилит ги транспортира на Земјата, и само тука имаат смисла и логика“.
Младата охриѓанка Емилија Колоска, која на јавноста и е позната и како вокал на бендот „Балтер“, во изјава за „Културен печат“ зборува за тоа како воопшто и не е потребно да се дефинира музиката на „Лилит“ за да може да се доживее.
– „Лилит“ е слободен ентитет и не се идентификува со ниеден музички жанр. Самото наше постоење како луѓе е непредвидливо, па затоа и музиката ја оставаме слободно да се случува и да го отслика сето она кое ни остава длабок впечаток. Некаде преовладува џез-призвукот, некаде тежат блуз ноти, а некаде, пак, ќе се појави дури и дел од класичната музика – само поради тоа што самата песна тоа го бара – вели Колоска.
Инаку, својот прв сингл „Чудо“ го издаваат во 2019 година, а албумот е резултат на активно тригодишно творење. Соработниците на албумот се моќна екипа сочинета од звучни имиња од џез-сцената.
Гости соработници на албумот се Сашко Николовски – Сале, Дамир Имери, Иван Иванов, Игор Атанасовски Харе, Зоран Костадиновски, Дарко Илиевски, Јадранка Кристов, Петрит Сарачини и Стефанија Георгиева. На прашањето како се случи соработката, Колоска вели дека албумот е еден вид круна на тригодишното активно творење.
– Нашите нотни приказни немаше да звучат вака доколку конкретните соработници на албумот не ни беа најпрво и пријатели кои точно знаат за што говориме. Секој од нив е фантастичен музичар, и секој од нив генијален на свој начин придонесоа магијата да биде уште поголема. Јадрото на бендот, пак, е веќе создадено, а радоста да се работи со нив е неизмерна – вели Колоска за „Културен печат“.
Во однос на соработки со други музичари и инспирација од нив, таа додава дека е природно, но и неопходно да се инспирираме едни со други.
– Механизмите на природата го сместуваат човекот во заедница, а според мене, интерперсоналниот елемент е еден од најсилните кога станува збор за креирање – заклучува Колоска.
Инаку, албумот „Чудо“ е достапен онлајн на платформата Бендкемп, а може да се купи и во музичката продавница „АП(о)ТЕКА“ во Младинскиот културен центар.