
Белградскиот ФЕСТ заврши со премиера на играниот филм „Рускиот конзул“
Меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ, што во своето 52. издание се одржа од 23 февруари до 3 март во Белград, беше затворен со премиера на српскиот филм „Рускиот конзул“ во режија на Мирослав Лекиќ.
Препорачано
Покрај провокативната филмска приказна, која се одвива на Косово, „Рускиот конзул“ ќе остане забележан како остварување во кое своите последни улоги на филмското платно ги играат актерските ѕвезди Жарко Лаушевиќ и Мето Јовановски.
Од Македонија во филмот игра уште една филмска ѕвезда, која во последно време почесто ја гледаме во холивудска продукција отколку во македонски филмови. Станува збор за актерот Висар Вишка, кој ја игра улогата на локален партиски моќник кој ја злоупотребува својата функција за лични интереси.
– Се плашев дека станува збор за пропаганден филм и дека ќе морам да ја одбијам улогата, но пријатно бев изненаден. Иако филмот се занимава со „жешка тема“, која никогаш не престана да биде „жешка“, ова е многу човечна тема. Го покажува злото во еден систем. Досега сум кажал дека ништо не се променило, дури ниту злоупотребата на националните чувства. Барем е така во Македонија, каде што живеам – изјави Висар Вишка за српските медиуми.
По премиерата во Белград, филмот има проекции во Крагуевац и во Ниш. Покрај Жарко Лаушевиќ, Мето Јовановски и Висар Вишка, во актерската екипа се и Небојша Дугалиќ, Паулина Манов, Светозар Цветковиќ, Даница Радуловиќ, Менсур Шафќиу, Константин Фиданов, Петар Зекавица, Нада Мацанковиќ, Енвер Петровци и други.