
Белата куќа го напаѓа Амазон
Медиумски извештај предизвика криза помеѓу Трамп и Амазон: Белата куќа ги нарече „непријателски акт“ наводните планови на концернот да ги направи транспарентни трошоците од американските царини. Амазон го демантира тоа.
Американската влада врши притисок врз онлајн трговецот Амазон: Белата куќа вчера (29.04) го предупреди концернот да не ги информира потрошувачите за зголемувањето на цените предизвикани од царините на претседателот Доналд Трамп. Ова би бил „непријателски и политички акт на Амазон“, изјави портпаролката на Трамп, Керолин Левит. За вакви планови информираше интернет платформата „Punchbowl News“, повикувајќи се на анонимен извор.
Препорачано
Самиот Амазон веднаш го негираше ова. Одделот за особено евтини производи на Амазон размислувал за тоа, објаснуваат од компанијата, но такви размислувања немало никогаш за главната веб-страница на онлајн трговецот на мало и тоа никогаш не е имплементирано никаде на Амазон. Во второ соопштение од Амазон издадено набрзо потоа се вели дека идејата не била одобрена и „никогаш немало да се случи“.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна изјави дека имал „добар телефонски разговор“ со основачот на Амазон, Џеф Безос. Останува нејасно како и дали односот меѓу двајцата е затегнат. На прашањето дали Безос сè уште е поддржувач на Трамп, портпаролката Левит едноставно одговори дека не сака да разговара за нивниот меѓусебен однос.
Левит, исто така, го обвини Безос дека ја поддржува кинеската пропаганда, притоа држејќи стар напис. Според извештаи на медиумите, случајот се однесува на Амазон во Кина, кој под притисок на властите ја деактивирал функцијата за коментари и критики на книгата на претседателот Ши Џинпинг.
Безос и Трамп со години имаа затегнати односи. За време на неговиот прв мандат, Трамп првенствено го критикуваше известувањето на „Вашингтон пост“ за него. Весникот му припаѓа на основачот на Амазон.
Во меѓувреме, листот се заврте: пред претседателските избори во САД во 2024 година, Безос ја стопираше веќе напишаната изборна препорака за демократската противкандидатка на Трамп, Камала Харис, со што предизвика критики во редакцијата и меѓу читателите. На крајот на февруари оваа година тој повторно предизвика протести во весникот со нови насоки за делот за мислења и коментари. Исто така, стриминг сервисот на Безос, Amazon Prime Video работи на документарен филм за првата дама Меланија Трамп. Според „Лос Анџелес Тајмс“, Безос платил 40 милиони долари за правата.
Покрај тоа, шефот на Амазон плати 25 милиони долари за да реши еден правен спор со Трамп и, како и другите технолошки милијардери, отиде на аџилак во седиштето на Трамп во Флорида, Мар-а-Лаго. На инаугурацијата на Трамп тој беше дел од избраната публика, заедно со шефот на Тесла, Илон Маск и основачот на Фејсбук, Марк Закерберг.
Извор: Дојче веле