
Батали спортот, удри по децата
Родители нападнале деца, родители се степале меѓу себе, родители удирале по судии, родители прекинале меч… Такви случаи имало повеќе во нашиот детски спорт и тешко може да се најде објаснување, но никако оправдување за вандализмот на возрасни луѓе на спортски натпревари на деца
Несфатливо е како возрасен човек, родител, може самиот да се доведе во таква состојба да удира по други деца на спортски натпревар, од која било причина! Необјасниво за секој нормален е како човек кој и самиот е родител може физички тешко да повреди друго дете, затоа што од некоја причина се разгневил.
Препорачано
Едноставно не може да се најде оправдување за такво дивјачко однесување! Она што се случи на фудбалскиот натпревар во детската фудбалска лига на мечот Брегалница – Шкупи е несфатливо, неприфатливо и секако треба најригорозно да биде санкционирано. Насилникот односно насилниците треба да ја почувствуваат раката на законот во најостра форма за тоа што го сториле.
Според информацијата од Фудбалската федерација на Македонија, инцидент се случил на натпреварот од младинските категории (генерации 2009/2010) помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегле на теренот и физички нападнале дел од домашните играчи…
Замислете (ако можете) што се случува во главите на тие возрасни луѓе кои баталиле и спорт и фудбал и хуманост и секакво човечко достоинство, па решиле да го истурат својот гнев врз недолжни деца.
Загрижувачко е тоа што слични ситуации кога е во прашање детскиот спорт во нашава земја се случувале многупати досега. Овој последниот инцидент е особено шокантен, затоа што има радикални последици, односно деца се повредени. Но слични изблици на вандализам сме гледале во повеќе наврати на разни наши спортски борилишта.
Родители нападнале деца, родители се степале меѓу себе, родители удирале по судии, родители прекинале меч… Тешко може да се најде објаснување, а никако оправдување за ваквиот вандализам на возрасни луѓе на спортски натпревари на деца.
Но тоа ни станува сѐ позачестена пракса. Некои родители, наместо да бидат фактор на стабилност, да влијаат во насока децата да се социјализираат правилно низ спортот, прават спротивно, даваат катастрофален пример на сопствените деца, на кои таквите испади ќе влијаат веројатно на најлош можен начин на тоа какви личности ќе бидат кога ќе пораснат.
Итно е потребно да се спречат ваквите испади, затоа што ако продолжат да ескалираат како што тргнале, лошо ни се пишува. Тоа не се однесува само на спортот, туку и на општата клима во земјава. Барем како општество да имаме доблест да ги заштитиме децата од сите притисоци, проблеми и фрустрации кои ги имаме како возрасни, а кои доаѓаат од општата атмосфера во земјава.
Еве уште неколку неодамнешни примери на слично однесување на родители „за пример“. Во јуни минатата година голем инцидент се случи на фудбалски меч од детската лига (генерација 2012) во Ново Лисиче кога меѓу себе се степале родители на децата кои играле во тимовите на Сарај и Фит Кит.
Родителите се тепале, децата гледале. Каков пример за младите и недолжни фудбалери… ФФМ тогаш реши понатамошните мечеви да се играат без публика. Со други зборови, да ги заштити децата од однесувањето на сопствените родители на трибините. Има ли поголем апсурд!?
Уште еден пример, овојпат од кошарката. Во февруари 2022 година инцидент на детски меч помеѓу Работнички и МЗТ (деца до 14 години), кога родители од гостинскиот табор се обиделе физички да нападнат малолетно дете. Замислете, возрасен човек да нападне дете од 14 години?! За малку била избегната општа тепачка. Секако помеѓу родителите, не помеѓу децата…
Вакви примери, документирани, а уште повеќе и недокументирани, има многу во нашиот спорт. И она што загрижува, тие се во пораст. Како ова општество да ги заштити децата од однесувањето на сопствените родители? Со полиција? Зарем треба да има видливо присуство на полиција на детските натпревари, како превентива од родителите?! Апсурд врз апсурд. Да се прекинат првенствата за овие категории, или да се забрани публика? Па тоа би била катастрофа за спортот.
Децата ќе пораснат во такви луѓе какви што ќе ги направи ова наше општество, прво родителите, па потоа пошироко. А иднината останува на децата, нели? Родителите да престанат сопствените фрустрации и нервози што им ги носи денешнинава во Македонија да ги „рефлектираат“ на децата, затоа што тоа е однесување со катастрофален ефект за сите. Но дали с(м)е способни за тоа?