
Балканците сè повеќе нелегално издаваат недвижности во Грција
Граѓаните на Србија, Бугарија, Северна Македонија и Романија покажуваат постојан интерес за купување недвижности во Грција. Главната причина е близината, што им овозможува да го поминат одморот во нова куќа или стан, но и да заработат дополнителни пари со издавање недвижности под наем кога не престојуваат во нив.
Препорачано
Процесот на купување е едноставен, честопати бара само едно одење во Грција, а останатите формалности ги извршува адвокат. Сепак, се поставува прашањето дали секој го пријавува тој бизнис и плаќа даноци, пишува Euronews Serbia.
Најголема побарувачка меѓу купувачите од Србија е за недвижности на северот од Грција, особено на Халкидики, каде што просечната цена по квадратен метар е 2.600 евра.
Според податоците од популарната фејсбук-група „Во живо од Грција“, во последните две години има вистински бум во купувањето недвижности од страна на странци, особено од Балканот. Сепак, се вели дека грчките власти сега се насочени кон балканските купувачи поради бранот нелегални издавања недвижности под наем.
Изнајмувањето недвижен имот без плаќање даноци и дозволи создава нелојална конкуренција за локалните компании и го зголемува ризикот од измама, бидејќи гостите во овие случаи немаат правна заштита. Трговската комора на Халкидики предупреди дека овој проблем добива сè поголеми размери и најави мерки против ваквите појави.
Грчките медиуми пишуваат дека се случуваат неверојатни ситуации, каде што цели автобуси гости од земјите на потекло на сопствениците доаѓаат во истите куќи секоја година, претставувајќи се како роднини или блиски пријатели, што создава впечаток за големо „семејно обединување“.
Даночниот советник Милан Трбојевиќ за Euronews Serbia вели дека е можно организираното доаѓање на гостите да се случи на таков начин.
– На пример, некој од Србија купил имот во Грција и се рекламира тука само на Инстаграм, се договара со некој да му го изнајми имотот и тој оди, на пример, на одмор во Грција. Тие ги разменуваат парите за кирија тука во Србија, Грција нема пристап до тоа. Не знам како ќе се справат, но не е нереално да се случи нешто такво, овие луѓе да се рекламираат само во рамките на своите земји – објасни Трбојевиќ.
Тој претпоставува дека грчките власти би можеле да ги усогласат мерките со новиот систем за регистрација на влезови во Шенген зоната, кој се спроведува од 12 октомври.
– Можеби при влегувањето ќе биде потребно да се нагласи каде одите и каде престојувате, што би можело да се провери – рече Трбојевиќ, пренесе Каматица.
Даночниот советник истакнува дека за легално изнајмување недвижен имот во Грција, како и во Србија, потребно е да се регистрира компанија. Тој додава дека банките во Грција, која е членка на FATF, можат да побараат потекло на парите при банкарскиот трансфер на средства за купување недвижен имот.
– Недвижниот имот се купува со трансфер од сметката и банката во Грција може да бара потекло на парите, но не мора. Тоа е општо правило кое функционира во добар број земји во светот – заклучи тој.