
Багерите и полицијата се повлекоа, се одложи уривањето на објектот кој пречи да се пробие тетовскиот булевар „Благоја Тоска“
Најавеното уривање на последниот објект каде треба да се пробие булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово не се реализираше. Градежна механизација со асистенција од полицијата излезе на терен, но по негодување на сопственикот да го напушти објектот, Општина Тетово му даде уште една недела рок за исселување. Експропријацијата е завршена, местото катастарски му припаѓа на општината, и семејството мора да го напушти објектот, велат градските власти.
Препорачано
„Eкспропријацијата веќе е завршена, парите се префрлени на наменска сметка на судот, оти странката не сака да ги земе.Во судот тече процедура, но само за висината на сумата која треба да ја земе семејството, со кое денеска постигнавме договор и им дадовме рок од една недела да се исселат и да одат во стан. Општината им изнајми стан на семејството, на кое ќе им плаќа месечна кирија одреден период, додека да најдат друг објект со парите кои ќе ги добијат од експропријацијата. Тоа место веќе е во сопственост на Општина Тетово, така веќе стои и во катастар“, изјави Бесарт Дурмиши Претседател на Советот на Општина Тетово.
Од Општина Тетово, велат дека не можат да му излезат во пресрет на семејството во однос на барањето за дозвола за градба на само неколку метри од нивната куќа, оти нема законска можност.
Освен дозвола за градба, семејството Рушити бараше и сума за експропријација која ја одредила приватно вештачење, но кажаа дека со жив штит ќе је бранат куќата.Во меѓувреме како што изјавија пред некој ден чекаат и супер вештачење. Денеска за медиумите кратко изјавија дека постигнат е договор, но не се откажуваат од барањето за изградба на куќа во дел од дворот.
„Ние тука ќе останеме уште две недели и треба да го ослободиме домот и да ни дадат пари според вештачењето и да се направи план ние да градиме таму“, рече Ислам Рушити.
Булаварот „Благоја Тоска“ дваесет години чека пробивање. Делницата треба да продолжи од мостот кај Клиничката болница, до Средното текстилно училиште. Планирана е и трета, последна фаза на пробивање, сѐ до булеварот „Илинденска“. Таа, според досешната пракса, најверојатно ќе почека уште неколку децении.