Фото: „Слободен печат“ / Profimedia

Австриската фирма за корнишони не може да излезе на крај со семејството Заеви-Костови

Од почетокот на 2023 година формално од пресудата на судот во Виена, но многу повеќе ако не се бројат формалните пресуди трае судскиот спор меѓу австриската фирма АММА и фирмите поврзани со Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева-Костова, прва братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев, која не може да си ги наплати побарувањата од повеќе од 4 милиони евра за измама со извоз на корнишони. Поточно, фирмата наместо корнишоните од прва класа да ѝ ги извезува на австриска фирма, таа мамела и извезувала на друга странска фирма.

Кривичната постапка што се води пред велешкиот суд сега треба да почне од почеток, бидејќи судијката што го водела случајот станала претседателка на Судот, а сè уште трае и стечајот пред Граѓанскиот суд.

На последното рочиште на кое беше присутна јавноста имаше еден стечаен управник, а сега стечајниот е сменет, но и доверителите се сменети. Но, судијата што ја води стечајната постапка Артан Лимани, останува на судското столче.

Тој беше избран за судија  во Апелациониот суд во граѓанскиот оддел за каде пред Судскиот совет сè уште трае жалбената постапка.

Австриската компанија минатата недела повторно поднела барање за разрешување на стечајниот управник Владица Ивановска од Свети Николе. На рочиштето во Граѓанскиот суд каде што имаше и новинари, никој од странките не сакаше да биде фотографиран иако имавме уредна дозвола од Врховниот суд за снимање и фотографирање.

Стечајната беше категорична дека не сака да се фотографира, како и адвокатите на фирмите доверители, освен австриските застапници. Образложението беше дека станува збор за спор што е меѓу две приватни фирми. Рочиштето беше одложено по второ барање на адвокатите на австриската фирма стечајната да биде разрешена. Претходно тие барале нејзино изземање бидејќи постапувала незаконито и спротивно на Законот за стечај.

Судијата Лимани го одбил барањето, но постапката продолжува во Апелација, која дава јасни насоки дека одлуката да не биде разрешен стечајниот управник е незаконита и го враќа предметот на повторно одлучување.

Но, и покрај насоките на Апелација судијата Лимани пак го одбива барањето, па одбраната на Австријците повторно поднесува жалба до Апелација. Рочиштето денеска беше одложено бидејќи сега Апелација, веќе мериторно по вторпат, треба да пресече дали ќе биде разрешен или не стечајниот управник.

Според одбраната на Австријците, Ивановска во текот на целата постапка го нема преземено имотот, односно Костов сè уште располага со имотот и таа како сегашен управител не раководи според Законот за стечај.

Всушност, во Одборот на доверители, освен австриската „АММА“ свои побарувања имаа пријавено компании што се поврзани со Костов, најмногу побарувања од околу 5 милиони евра, дури повеќе и од австриската имаше пријавено фирма во сопственост на сопругата на Костов, па постои опасност парите што ги должи Костов да му се вратат пак нему.

Побарувањето на оваа фирма, всушност, е фиктивно и оспорено од стечајниот управник, сепак на оваа компанија ѝ е дозволено право на глас и како најголем доверител ги носи одлуките на Собранието, на штета на стечајната маса, а во корист на Костов.

Во меѓувреме поднесена е иницијатива за реорганизација од страна на Друштво кое е во сопственост на синот на Атанас Костов, за што одбраната исто така има поднесено жалба.

– Со планот за реорганизација предложен од Друштвото сопственост на синот на Атанас Костов, неправилно е направен планот за намирување на доверителите, а се во корист на Атанас Костов, без да се имаат предвид побарувањата на останатите доверители, а кој план од страна на стечајниот управник и доверителите блиски до Атанас Костов сакаат да биде усвоен иако е спротивен на Законот за стечај. Иако ГЛОБАЛ има оспорено побарување потврдено со супервештачење дека тоа не може да се утврди, на нему му се дава право на глас со цел гласање на овој спорен план за реорганизација – велат од одбраната на Австријците.

Случајот беше обелоденет пред неколку години првично дека валандовска компанија го прекршила договорот со австриски инвеститори за извоз на корнишони, па Арбитражниот суд во Виена пресудил фирмата да плати 4 милиони евра.

Пресудата во Виена била донесена на почетокот на 2023 година, но додека траел арбитражниот спор, сопственикот на „Дена продукт“ – Атанас Костов ги префрла вработените и парите на друга компанија. Тоа е друштвото „Глобал трејд“, на неговата сопруга, но иако беше поднесено обвинение отштетата не може да се наплати.

За овој случај жестоко реагираше поранешниот австриски амбасадор Герог Вуцас, кој во јавна реакција побара смена на судии и јавни обвинители, но и одземање лиценци на извршители и нотари, кои биле пристрасни во постапувањето на спорот. Тој во писмото го спомена и Заев и неговата роднинска поврзаност со сопствениците на спорните фирми. Заев, пак, дури и најави дека со Вуцас ќе се видат на суд и рече дека целосно се оградува од каква било инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот