Македонија - Бугарија Фото: Слободен печат/ Архива

Австрија и Словенија го поддржуваат дијалогот меѓу Скопје и Софија

Австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич, го поддржуваат најавениот дијалог меѓу Македонија и Бугарија, кој, според најавите на македонската Влада, треба да се одржи по изборите, односно по Нова година.

На заедничката прес-конференција во Скопје со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, двете претставнички нагласија дека нивните земји се силни поддржувачи на дијалогот и на европскиот пат на Македонија.

– Секако дека сме поддржувачи на дијалогот, а Австрија целосно го поддржува процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ќе помогнеме во сè што е потребно за да видиме опипливи резултати во преговорите – изјави Плаколм.

Таа додаде дека овие прашања треба да се решаваат билатерално, додека во однос на проширувањето, земјите членки на Унијата треба да зборуваат со еден глас.

Нејзината словенечка колешка, Грашич, оцени дека билатерализацијата на процесот на проширување е загрижувачка и дека Европската Унија мора да избегне блокади кои произлегуваат од билатерални недоразбирања.

– Процесот на проширување не смее да се кочи со билатерални прашања. ЕУ има потреба и од своите членки и од кандидатите, особено во контекст на новата геополитичка реалност и зајакнувањето на европската безбедност – рече Грашич.

Таа ја поздрави иницијативата за продолжување на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, нагласувајќи дека и Советот на ЕУ, претседателот Антонио Кошта и Европската комисија ја изразиле својата подготвеност да го поддржат процесот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот