Знамето на Абориџините/ Фото EPA-EFE/LUKAS COCH

Австралија ги прекрши човековите права на домородно островско население, оцени ОН

Комитетот на ОН за човекови права денеска заклучи дека Австралија ги прекршила човековите права на жителите на островите во теснецот Торес, во близина на нејзиниот северен брег, со тоа што не ги заштитила од ефектите на климатските промени.

Тужбата беше поднесена пред три години од жители на островите во теснецот Торес и нивните деца, а одлуката на Комитетот на ОН може да ги поттикне другите заедници ширум светот да бараат правда за неуспесите поврзани со штетните ефекти од климатските промени.

– Оваа одлука претставува значаен развој на настаните бидејќи Комитетот го отвори патот за поединци да поднесат тужби затоа што националните системи не усвоиле соодветни мерки насочени кон заштита на најранливите од штетните последици на климатските промени и уживање во нивните човекови права, рече членката на Комитетот на ОН Хелен Тигруџа.

Островјаните ја обвинија Австралија за кршење на нивните права на култура, живот и семејство како што е пропишано со Повелбата на ОН.

Зголемувањето на нивото на морето веќе ги оштети изворите на храна и древните погребни места поради што остатоците од тела се расфрлани низ островот.

Заедно со Абориџините, жителите на островите во теснецот Торес се исто така дел од домородното население на Австралија. Од вкупно повеќе од 274 острови, денес се населени 17 од нив, со приближно 6.800 жители.

Теснецот Торес е широк околу 150 километри, многу плиток (до 50 m) премин кој ја дели Австралија од Папуа Нова Гвинеја и ги поврзува Арфуриското и Коралното Море, односно Индискиот Океан со Тихиот Океан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот