
АУДИО: Случајот со мајката која си го одзеде животот во Тополница, открива потчинет живот, насилство и продавање на жени за пари пред замижани институции
Блиска роднина на младата мајка која си го одзеде животот со труење во радовишкото село Тополница за „Слободен печат“ открива дека на самоубиството му претходеле години на изолација на девојката од нејзиното семејство, откако мајка ѝ ја дала за 7 илјади евра на човек со кого таа самата била во врска. Кога партнерот ѝ кажал дека ја сака помалата ќерка, и дека ќе ѝ плати 7 илјади евра за неа, мајката се согласила и го штитела човекот од социјалните служби, на начин што и самата живеела со нив.
Препорачано
Пред да ја даде помалата ќерка, таа сакала за својот партнер да ја омажи постарата ќерка, но таа среде ноќ се јавила кај своја роднина да ја спасува. Таа роднина случајот веднаш го пријавила во радовишката полиција.
Дел од роднините кои се обиделе да го спречат брачниот пазар со двете малолетни сестри, за „Слободен печат“ тврдат дека биле комплетно отсечени и отстранети од семејството, а мајката за да не се соочи со законски проблеми, се доселила и таа да живее во куќата кај ќерка ѝ за се да биде „легално“.
Младата 24-годишна мајка на две деца, која остави проштално видео во кое наведува шестмина мажи како поттикнувачи за нејзината одлука да си го одзеде животот, го зави во жал селото Тополница и отвори мистерија.
Во видео материјалот кој го снимила на својот мобилен телефон, наведува име на маж од селото кој наводно ѝ го дал отровот со кој си го одзеде животот. Во пораката замолува да не се остави ситуацијата така и да се истражи.
Вознемирувачките околности кои ѝ претходеле на трагедијата, вклучуваат и семејно насилство. Сопругот се јави во редакцијата на „Слободен печат“. Признава дека повеќе пати во куќата имало полиција и дека ја тепал мајката на својата сопруга (и негова поранешна партнерка), од причина што како што изјави – „намерно го провоцирала за да удира и да ја земе ќерката и да си оди“.
Дополнително не сакала да даде согласност бракот легално да се склучи на 17 години. Од Центарот за социјални работи ни изјавија дека бракот бил склучен на 18 години (официјално), меѓутоа нашите информации се дека тој бил завршена работа уште години претходно.
Сопругот тврди дека отровот бил наменет за него
Фадил Арифов, сопругот на 24-годишната жена која си го одзеде животот во радовишкото село Тополница со труење, во изјава за „Слободен печат“ вели дека сопругата повеќе пати му се жалела дека различни мажи се појавувале во дворот, во близина на полскиот тоалет и затоа таа три месеци таму не одела.
Според него, прошталната порака која ја остави 24-годишната жена, во која наведува шест машки имиња кои придонеле за нејзиниот трагичен крај, била пронајдена на нејзиниот мобилен телефон. Во времето кога последната видео порака била снимена, тој бил на работа во рудникот Бучим без да го напушти работното место а последниот повик го имал со жена му дента попладнето, кога таа му се јавила да го праша како е. Разговорот бил краток и без посебен повод. Не забележал ништо сомнително утрото кога заминал на работа, но претходниот ден човекот за кој во пораката се вели дека го дал отровот, трипати поминал со моторот покрај куќата, тврди Арифов.
Кога се вратил дома, после 16 часот, ја нашол сопругата во бањата во куќата внатре, од каде се чувствувал силен мирис на отров. Отров чувал и самиот Арифов во куќата, а го користел за прскање и за земјоделието и од него полицијата зела примероци. Разговорот со Арифов на аудио снимката, е објавен со негова дозвола.
-Сопругата плачеше и ми се жалеше дека неколку месеци наназад не го користи полскиот тоалет пред куќата, зашто таму постојано има мажи и затоа не сака да оди таму. Тоа го кажав и во полиција. Сметам дека е сексуално напаѓана од тие мажи и дека тој отров ѝ е даден од некого и наменет за мене, за да се спасат од мене и да не им пречам и да ја однесат, да си играат како сакаат со неа кога мене ќе ме нема, изјави Арифов за „Слободен печат“.
Случајот открива семејно насилство
Запрашан како неговата сопруга би ги познавала шестемина наведени во видеото, тој нема објаснување. Единствено кажа дека не бил во добри односи со ниеден од нив, бидејќи се сомневал дека во минатото се појавувале во неговата куќа а ги носела мајката на жена му додека тој бил на работа. Вели дека е вистина оти пред да се ожени со сопругата, бил во врска со нејзината мајка и дека ѝ дал пари на мајката за да ја земе ќерка ѝ за жена.
Вели дека со мајката на сопругата влегувале во физички пресметки, односно дека ја тепал затоа што не сакала да ја остави жена му во куќата туку сакала да ја однесе на друго место. А што се однесува на наводите дека ја тепал и неговата почината сопруга, вели дека „ѝ удрил две шлаканици кога детето за малку ќе се задавело јадејќи слива со семка“. Скандалозните признанија на сопругот упатуваат итна потреба од институционално будење.
-Не е точно дека сум се оженил со неа на 14 години, туку на 18. Доаѓаа социјалните служби повеќе пати, кога таа беше малолетна. Јас им кажав, дека ја чувам, ја ранам целата фамилија, а дека кога таа ќе стане полнолетна ќе ми биде жена. Но, кога наполни 17 години, мајка ѝ не сакаше да потпише согласност да се венчаме туку сакаше да ја носи ќерка ѝ на друго место, изгледа и од други зела пари за ќерката. И оттука почнаа сите проблеми и мислам дека таа има носено тие луѓе во куќата додека јас не сум дома, изјави Арифов за „Слободен печат“.
Тој додаде дека ги познава мажите споменати во видеото, но со нив не бил во добри односи.
– Ги знам, од селото се, не зборувам со нив, зашто мајка ѝ на жена ми, ги има донесено внатре во куќата. Од тогаш цело село не разговара со мене. Ни на погребот не дојдоа од страв. Во комшии жена ми не излегуваше, зашто јас не ѝ дозволував. Но не требаше да трпи, требала да ми каже, за се има решение. Само за умрен човек нема решение. Едната ќерка ми е 2 години, другата 4 години јас што ќе правам? Децата се кај мајка ми ама и таа има 70 години. И од полицијата дојдоа да ме проверат, камерите во Бучим, кај сум бил, да не сум избегал дома да не сум ја отрул јас. Но, на камера сум цел ден присутен на работа, немам излегувано. И колегите се испрашани и кажаа дека имавме добар брак, додаде тој.
Нема обдукција, истражните органи не ја побарале службено
Тврди дека сакал да биде направена обдукција, ама немал 2.500 евра да ја плати.
-Ме прашаа дали сакам обдукција, а јас реков дека сакам. Полицијата ѕвонеше по телефони и рече дека треба 2.500 евра за обдукција. Велам јас немам толку пари. Пак разговараа по телефон и дозволија утредента погреб без обдукција. Кажуваше жена ми дека два месеци била бремена. Во последно време многу плачеше. Мака ѝ беше. Ама и да има мака, не е решение тоа. Гледам на вести, лажат дека немала телефон. Како може да нема телефон жената? Видеото беше снимено на нејзиниот телефон, ние го најдовме и полицијата го зема, вели Арифов.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека девојката била полнолетна при склучување на бракот без да ги коментираат нивните чести контроли кои претходеле на полнолетството.
„По детална проверка на регистрите од тој временски период утврдено е дека немало прекршување на закон, односно стапување на малолетно лице во брак со полнолетно лице. При тоа Центарот немал основ да поднесе кривична пријава. Во делот на права, семејството е евидентирано како корисници на еднократна парична помош за прво и второ родено дете“, велат оттаму.
Во Истанбулската конвенција во членот 12 наведено е дека страните ги преземаат потребните мерки за промовирање промени во општествените и културните шаблони на однесување на жените и мажите, со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се зановаат врз идејата за инфериорност на жените или врз стереотипните улоги за жените и мажите. Според истата Конвенција, страните обезбедуваат дека културата, обичајот, верата, традицијата или таканаречената „чест“ нема да се сметаат како оправдување за какви било акти на насилство коишто се опфатени со Конвенцијата на Советот на Европа која е ратификувана и од Македонија.