
Арсовска повторно „улови“ дивоградба во Чаир
Скопската градоначалничка во двеминутно видео обвини дека во Општина Чаир се прават обиди за објект од 12 ката и досега избројани 61 стан да добие лажна документација на која ќе пишува дека е изграден во 2011 година со цел да се легализира.
Продолжуваат „теренските активности“ на градоначалничката на Град Скопје и нејзиното јавно објавување нелегални објекти – дивоградби на територијата на општина Чаир. Таа во неделата се вклучи во живо на нејзиниот фејсбук-профил пред 12-катница за која обвини дека е дивоградба и не се платени комуналии, за што Данела Арсовска најави нов предмет со злоупотреби и фалсификати за Јавното обвинителство за организиран криминал.
Препорачано
Арсовска во своето двеминутно видео обвини дека во општина Чаир се прават обиди овој објект од 12 ката и досега избројани 61 стан да добие лажна документација на која ќе пишува дека е изграден во 2011 година со цел да се легализира. Таа тврди дека инвеститорот на своја рака и надвор од пропишаните протоколи веќе се приклучил на електричната мрежа со нелегален приклучок на струја, но и вода, и поместување на броилата, а се изведуваат и нелегални работи на булеварот за приклучок на водоводната и канализациска мрежа.

– Дрскоста оди дотаму што денеска се копа булевар со надеж дека во недела нема институции што ќе реагираат – рече Арсовска додавајќи дека станува збор за опасен објект што се гради без надзор и без одобрение, со сериозни закани упатени до оние што алармираат.
Градските инспектори при направен увид во објектот затекнале луѓе, станари што веќе некое време живеат во зградата и кои, според Арсовска, им се заканувале на јавните службеници и им ги исекле гумите од автомобилот.
– Тие на лице место се закануваа на нашите инспектори од Град Скопје и им ги исекоа гумите со нож. Станува збор за организирана криминална банда – рече таа.
По вчерашната објава, Арсовска денеска јавно го објави и човекот кој, како што вели, е сопственикот на небезбедната зграда во Чаир која е без платени комуналии, без проект и без дозвола за градење.
-Запознајте го Бујар Аземи, сопственикот на небезбедната зграда изградена без документација, без одобрение за градење, без проект, без платени комуналии, на 12 спрата и до сега пребројани 61 стан незаконски градени, сега со обид да се легализираат, прикажани лажно дека се градени во 2011 во документација фалсификувана од Висар Ганиу и Ејуп Адеми- напиша денеска Арсовска и додаде дека откако Аземи бил фатен како се обидува нелегално да ја приклучи зградата на водоводната мрежа, упатил бројни закани за што бил пријавен во полиција.
🛑 Запознајте го Бујар Аземи, сопственикот на НЕБЕЗБЕДНАТА зграда изградена без документација, без одобрение за градење,…
Posted by Danela Arsovska on Понеделник, 23 јуни 2025
Ова не е првпат градоначалничката и градските инспектори да излезат на терен и да „ловат“ дивоградби низ Чаир. Уште во првото нејзино обраќање од објектот – дивоградба на „Пластичарска“ – таа најави фељтон документи, кои, според неа, докажуваат нерегуларности што ќе им отворат полни раце работа на Обвинителствата, каде што градоначалничката веќе неколкупати има однесено предмети.
Со остри удари кон Висар Ганиу, или како што вели Арсовска, „принцезата на дивоградбите“, таа го обвинува дека свесно дозволувал и директно учествувал во фалсификувањето на документациите од одредени објекти.
Од обвинувањата на градоначалничката во изминатиов период не беа поштедени ниту министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ниту премиерот Христијан Мицкоски, кој ја охрабри градоначалничката да постапи во доменот на нејзините ингеренции, кои според него, таа ги ужива.
– Таа има ингеренции. Ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде – рече Мицкоски.
Арсовска информираше дека како досега, фељтонот докази за оваа зграда што според неа е дивоградба, со голем број нерегуларности, ќе го предаде до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
– Во текот на утрешниот ден Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе добие уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир. Инволвирани се повеќе функционери и вработени во Општина Чаир – информираше таа.
Дополнително, Арсовска го повика градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, но и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, да ја истражат изградбата на овој објект што, според неа, освен што е нелегален, тој е недоволно заштитен.