
Арсовска објави сателитски снимки од локации во Чаир за кои тврди дека се гради на диво
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска утрово повторно продолжи со објавување на фотографии од локации во Чаир за кои тврди дека се дивоградби, на кои може да се забележи дека на идентична локација, на сателитска фотографија од оваа година се наоѓа нова градба која ја нема на фотографијата од минатата година.
Препорачано
Таа истакна дека овие градби не се наследени и дека се дел од 50-те згради кои во моментов се градат во скопската општина.
„Нека му пренесе некој на Висар Ганиу дека ни ова не му е оставено во наследство од баба му, бидејќи тврдеше дивоградбите ги наследил, а овде сега се гради. 50 нови згради во моментов и никој не реагира. Немаат дозволи, немаат проекти, крадат вода, крадат струја. Вие плаќајте даноци и скенирајте фискални“, вели Арсовска.
Дополнително, градоначалничката половина час по објавувањето на првите сателитски снимки, објави уште една локација во Чаир на која исто така може да се забележат промени од местото на фотографијата од денес во споредба со минатата година.

„Тука пријавата, Висар, е од твоја комшика која 3 месеци нема сон од багерите на твоите партнери кои си почнуваат незаконска градба без проект и без да платат комуналии. Нели во Чаир немало темели за 50 нови дивоградби? Сите ќе ги видите новите 50 небезбедни дивоградби, што се градат сега, само Висар Ганиу, МВР и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не ги гледаат“, порача Арсовска.
Градоначалничката додаде дека вработените во администрацијата на Град Скопје и таа како градоначалник имаат обврска да ги пријавуваат сите случаи за кои сметаат дека го оштетуваат буџетот на Градот или за кои имаат докази за фалсификувани службени документи, бидејќи во спротивно, како што вели Арсовска, стануваат соучесници во криминалот со незаконските легализации.