
Арсовска: Мицкоски несреќо, четири години твоите советници и претседателот го блокираа и урнисаа Скопје
-Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи тебе ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен нема да ти ја исчистат совеста – порача таа
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој се извини што на претходните локални избори ја поддржал актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, таа му порача дека веќе четири години претседателот на советот на Град Скопје и советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа и урнисаа градот.
Препорачано
-Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници четири години го блокираа и урнисаа градот. Не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија набавка на нова механизација да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета – напиша Арсовска на Фејсбук.
Градоначалничката додаде дека немало ниту нови вработувања за пожарникари, ниту набавка нови противпожарни возила.
-Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си. Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе кои вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години – вели таа.
Арсовска му порача на Мицкоски дека тој и неговата администрација се одговорни за тоа што 62 деца настрадаа во Кочани, изгоре пола држава за да се направи простор за фотоволтаици, изгоре отпад во Трубарево, се случуваат убиства, се убиваат жени кои, како што вели Арсовска, во очај молеле за помош.
-Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи тебе ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен нема да ти ја исчистат совеста – порача таа.