
Армани ја претстави последната колекција на починатиот дизајнер и основач на модната империја Џорџо Армани
Прославата на 50-годишнината од модниот бренд се претвори во почит кон неодамна починатиот дизајнер.
Италијанската модна куќа Џорџо Армани ја претстави последната колекција на која работеше починатиот основач и дизајнер Џорџо Армани, во уметничкиот музеј Брера во центарот на Милано. Ревијата, замислена како прослава на 50-годишнината од модниот бренд, се претвори во почит кон дизајнерот, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Меѓу гостите беа познатите актери Ричард Гир и Кејт Бланшет.
„Покрај тоа што беше неверојатен дизајнер, тој беше и хуманитарец. Тој беше исклучителен филантроп“, истакна актерката. Моделите носеа лесни парчиња облека, додека музика во живо изведуваше италијанскиот композитор Лудовико Еинауди. Колекцијата, која опфаќаше палета на бои од сива до темносина и зелена, беше именувана „Пантелерија, Милано“, во чест на две места кои беа посебни за Армани.
„Оваа колекција, последната на која Џорџо Армани лично работеше, на некој начин е доказ за стилот и затворањето на еден циклус, за да можат да започнат нови“, се вели во соопштението на брендот. Ревијата заврши со соло прошетка на латвискиот модел Агнес Зогла, една од омилените модели на Армани, која носеше елегантен син фустан.
На крајот од пистата, внуката на Армани, Силвана, и животниот и деловен партнер на дизајнерот, Лео Дел’Орко (кој е одговорен за женските и машките колекции) излегоа кон публиката, која ги поздрави со громогласен аплауз.
„Почестен сум што сме поканети да се вратиме во Милано за да ја прославиме неговата исклучителност“, рече режисерот Спајк Ли по пристигнувањето на модната ревија.
Модната ревија на Џорџо Армани ја затвори Недела на модата во Милано. Армани, познат во светот на модата како „Кралот Џорџо“, почина на почетокот на овој месец на 92-годишна возраст.