Археолозите збунети од мистериозната аномалија закопана покрај пирамидите во Гиза

Фото: Kateryna Kolesnyk / Panthermedia / Profimedia

Полека, но сигурно, почвата ги изнесува своите тајни на површина. Малку по малку, технологијата ја открива историјата што „лежи“ под песокот. Сепак, дури и во добро истражена област, некои мистерии можат да ги збунат експертите, пишува „Индепендент“.

Во близина на Големите пирамиди во Египет, радарот што ја продира земјата и томографијата со електрична отпорност открија голема дводелна структура закопана под гробишта, која лежеше недопрена повеќе од 4.000 години.

Под западните гробишта, западно од Големите пирамиди, скенерите открија плитка структура во облик на латинската буква „L“, со димензии 10 на 15 метри и околу два метри под површината.

Но, под неa, се чини дека има друга, многу поголема структура. На длабочина од 3,5 до 10 метри, просторијата зафаќа површина од околу 100 квадратни метри.

Научниците не знаат за какви структури станува збор, но нивното присуство би можело да открие нови информации за самиот комплекс на пирамидата, како и за неговите градители.

Еден дел од западните гробишта отсекогаш бил особено интересен за научниците. Додека поголемиот дел од гробиштата се исполнети со гробови и гробници, еден правоаголен дел е, барем на површината, пуст и без никакви обележја.


Предводени од археологот Мотојуки Сато од јапонскиот универзитет Тохоку, јапонскиот и египетскиот тим се посветија на проучување на тоа одредено парче земја.

Длабинскиот радар работи така што испраќа радиобранови во земјата, а потоа ги мери кога ќе се одбијат. Материјалите со различни густини и состави под површината ги рефлектираат брановите на различни начини, што значи дека оваа технологија може да се користи за мапирање на подземни структури и геолошки формации.

Томографијата со електрична отпорност функционира на сличен начин со откривање на промени во електричната отпорност на различни подземни материјали.

Користејќи ги овие две техники, тие открија различни форми за кои е многу мала веројатноста дека се појавиле природно.

Подлабоката структура е малку потешка за проучување. Се чини дека е исполнета со нешто што исклучително добро ги одбива брановите, како песок, или е целосно празен. Бидејќи не можат точно да идентификуваат што е тоа, засега го означиле како „аномалија“.

Значајна е и усогласеноста на двете структури, бидејќи сметаат дека поплитката може да го претставува влезот во комората. Со оглед на локацијата на структурата, едно објаснување е логично.

„Од овие резултати заклучуваме дека структурите што предизвикуваат аномалии би можеле да бидат вертикални варовнички ѕидови или отвори што водат до гробница. Би било потребно детално истражување за да се потврди оваа можност“, заклучи археолошкиот тим во студијата објавена во „Археолоџикал проспекшн“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот