
Апел на скопјанката Искра Донева: Не ја фрлајте храната, донирајте – јадам како врапче, доволна ми е една црпалка манџа за цел ден!
Скопјанката Искра Донева, хуманитарец, поетеса и активист боледува од церебрална парализа, поради која тешко се движи и мора да внимава што јаде, бидејќи, како што вели, нејзиниот мозок бара квалитетна храна.
Препорачано
– Јас јадам како врапче, многу малку, не смеам да качам килажа, бидејќи тоа ќе ми го отежни движењето дополнително. Јадам само еднаш дневно, бидејќи ми е тешко да одам до фрижидерот, изјави за „Слободен печат“ Искра Донева.
Од 2019 година била ставена во програмата на хуманитарната организација „Св. Спас“ од каде добивала конзервирана храна или храна која треба да се зготви, за што Искра нема можности. Но, пред неколку месеци, ја исклучуваат од програмата на „Св. Спас“ со образложение дека немаат достава и поради тоа што како вработена, таа е во можност да си обезбеди егзистенција.
Истиот период, склучила договор со „Гала кујна“, кои еднаш неделно и носеле јадење за неколку дена, но тоа прекинало, со промена на сопствениците.
Веќе три месеци Искра се снаоѓа за јадење преку пријатели и добронамерни соседи и некој ресторан кој има разбирање за нејзината состојба. По тој повод, преку Фејсбук групата „Здрава храна“ сподели апел, за неа и за сите кои го имаат овој проблем, а воедно и порака за подигнување на свеста дека храната веќе е луксуз и не треба да се фрла она што останува на трпезата.

Доколку сте ја пропуштиле животната приказна на Искра Донева, ова е линк од разговорот кој го направи „Слободен печат“ со неа.