
Апасиев со кривична за премиерот за Кочани – Мицкоски преку Коцевски штити вмровски функционери од полицијата
Апасиев му поднесе кривична на премиерот под сомнение дека преку јавниот обвинител Коцевски ја контролира истрагата за да не се гонат високи вмровски функционери од полицијата. Мицкоски го повика Обвинителството да постапува, но му најави и контрапријава ако не се докажат обвинувањата
Со кривична пријава до Јавното обвинителство за премиерот Христијан Мицкоски, лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев сака да докаже дека Владата ја запрела постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, откако се случи трагедијата во Кочани за да се обезбеди селективна истрага, односно обвинителот за возврат да не ги гони седумтемина високи вмровски функционери, кои според Апасиев, морало да бидат опфатени во истрагата, а најголем дел од нив се актуелни началници и командири во штипската и во кочанската полиција.
Препорачано
Апасиев на прес-конференција пред Јавното обвинителство објави дека поднел пријава за премиерот за кривично дело попречување на правдата, односно дека Мицкоски влијаел врз јавниот обвинител да не презема дејства предвидени со закон.
Апасиев побара Обвинителството да го викне премиерот на распит и кажа дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до десет години. Според неговите неофицијални информации, овие актуелни функционери биле вклучени во заштитата на дрогата и рекетот во Источна Македонија, а дел од нив му биле советници на Тошковски во техничката влада.
– Каде гледаме дека го има ова влијание односно нудење некаква корист на постојниот актуелен јавен обвинител. И покрај лоцираните сериозни пропусти во неговото работење од страна на Владата и Министерството за правда кои констатираа противзаконитост, корупција и судир на интереси, тие ја прекинаа постапката за негово разрешување за да обезбедат, според нас, селективна истрага. Што тоа значи? Алудираме на седуммина високопозиционирани вмровски функционери, кои се поштедени од кривичен прогон, началничката на ОВР Кочани, началникот на одделот за криминалистички работи во Кочани, началникот на СВР Штип, главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, сменоводителот во полициска станица Кочани, сопственикот на приватната агенција за обезбедување и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојковски. Сите овие седуммина мораше да бидат опфатени во истрагата – рече Апасиев.
Кои функционери се заштитени?
Според партијата, Коцевски намерно не ги гони актуелната началничка на ОВР Кочани Марија Цветковска Маневска, која е на функција повеќе од една година, потоа началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани Томо Донев, кој беше сликан во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, началникот на СВР Штип Дејан Салтирски, кој му беше советник на министерот за внатрешни работи во техничката влада. Салтирски, како што претходно обвини „Левица“, ги терал вработените во МВР, со бланко потпишани полномоштва, да го тужат Министерството за неисплатени додатоци на плата преку адвокатската канцеларија на сегашниот министер.
– Овие лица се активно одговорни затоа што не презеле навремени и соодветни мерки и пропуштиле да ги истражат и да ги санкционираат неправилностите поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани. Но токму против овие лица што биле на функција кобната вечер не е поведена истрага – се вели во пријавата.
Во истрагата, според пријавата, изоставена е и главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани – Кристина Јованова, која и покрај фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од УЈП поради неиздавање фискални сметки, не презела никакви мерки за објектот.
– Од истрагата е изоставен и сменоводителот на критичната ноќ Драган Перушев, кој и покрај јавно познатите информации дека таа вечер во објектот се организира јавен настан – концерт, не презел мерки за контрола на објектот и обезбедување на јавниот ред и мир во клубот, поради што во диското се нашле и малолетници, а исклучително е одговорен за неодговорното постапување на дел од полициските службеници што се нашле на местото на настанот и одбиле да укажат неодложна помош и заштита на настраданите – се додава во пријавата.
Другите две лица што според „Левица“ се заштитени, се сегашниот државен секретар во Министерството за економија Адеми Јумни и сегашниот директор на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, во ситуација кога во истрагата се осомничени поранешните функционери што биле на овие позиции.
Според него, не може шеесетина луѓе да бидат осомничени за кривично дело односно за тешки дела против безбедноста, а ниту еден да не биде обвинет за корупција. Со кривичната пријава доставиле и 14 писмени докази од владини седници, стенографски белешки од Собранието, изјави од премиерот, мислење од Министерството за правда. Апасиев побара Обвинителството да смогне сили и да го повика премиерот на распит.
Од Обвинителството само кратко потврдуваат дека кривичната пријава е поднесена. Премиерот Мицкоски, пак, го повика да постапува, но доколку не се докажат обвинувањата на
Апасиев, очекува тој да се извини или најави контрапријава за клевета и лажно пријавување.
Мицкоски со најава за контра-пријава
– Јас ги повикувам органите, Обвинителството да се произнесе по кривичната пријава и доколку постои такво кривично дело, веднаш да постапи по него. Јас сум тука, не се кријам, не бегам. Слободно ако ценат дека навистина сум го прекршил законот, јас сум подготвен со чиста свест и совест да одговорам пред граѓаните и тоа го говорам од првиот ден – рече Мицкоски.
Сепак, тој во оваа пријава повеќе гледа политика отколку суштина.
– Се надевам дека професорите по право, како што за себе велат од „Левица“, подготвиле добра издржана кривична пријава, која ќе значи моја кривична одговорност. Доколку не, тогаш очекувам да се извинат. Така функционираат работите во животот. Ако сте погрешиле, а со тоа сте му нанеле некому штета, треба да се извините затоа што може да има спротивна кривична пријава за клевета и за лажно пријавување – порача Мицкоски.
Истрагата за трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица сè уште трае, но најголемите критики во јавноста се што во неа иако имале најголема надлежност кобната ноќ во Кочани, не се осомничени актуелни полициски службеници.