
Апасиев се закани со тужба: Забраната за рекламирање на Левица ќе заврши во Стразбур
Од Левица најавуваат кривични пријави и тужба за оштета против сите членови на ДИК и Советот на АВМУ, за предизвикана материјална штета. Ќе биде ангажирано финансиско вештачење за да се утврди износот, велат од партијата.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, жестоко реагираше на одлуките и упатствата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Државната изборна комисија (ДИК), обвинувајќи ги за лицемерие и селективен пристап кон различни политички партии.
Препорачано
„Видете го лицемерието на АВМУ и ДИК. Кога беше за ‘Независните’ не им беше проблем да се стават во улога на законодавец и со подзаконски акт да регулираат правна празнина. Кога е за ЗНАМ, дури во Упатството за платено политичко рекламирање измислуваат и нов вонзаконски термин ’поддржувач’ (иако законот оперира само со терминот ’коалиција’), за да може ВМРО-ДПМНЕ да им ги плаќа рекламите на ТВ на Максо, иако не се формално во коалиција и имаат две бројчиња. Ама кога е за Левица – не можеле они да толкуваат!? “ пишува на социјалните мрежи Апасиев.
Според Апасиев целта на законот е сите партии, и парламентарни и вонпарламентарни, да имаат еднаков пристап до средства за рекламирање во изборната кампања: „Тоа во правото се вика телеолошко толкување, ама многу сте прости, пакосни и корумпирани да го сфатите, па се држите само до граматичко-позитивистичкото“, вели Апасиев.
Тој предупреди дека ова е прв случај во историјата на независна Македонија една легална регистрирана партија да биде ефективно спречена да се рекламира, дури и со сопствени пари.
„За оваа политичка дискриминација ќе се расправа дури и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, верувајте, неправдата ќе предизвика ефект на бумеранг. Народот гледа и интуитивно се солидаризира со оној на кој му се прави лошотилак!“ – порача тој.
Од Левица најавуваат кривични пријави и тужба за оштета против сите членови на ДИК и Советот на АВМУ, за предизвикана материјална штета. Ќе биде ангажирано финансиско вештачење за да се утврди износот, велат од партијата.
Лидерот на Левица го обвини Уставниот суд за пасивност:„Уставниот суд пак, како по обичај, не е од тука. Фатен е во зимски сон, иако плурализмот и фер изборите се темелни вредности на уставниот поредок кои тој треба да ги штити“.