Фото: Левица/Фејсбук

Апасиев имал „срдечна средба“ со рускиот амбасадор, разговарале за „непромислените“ изјави на Бујар Османи

Во Собранието денеска пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов оствариле средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, соопшти партијата.

Тие, како што соопштија од Левица, разговарале за актуелните домашни и меѓународни теми, „со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од неа по меѓународниот поредок, а акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“.

„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Пратеникот Апасиев се огради од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани. Осудени беа и непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација – од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите“, се вели во соопштението од Левица.

Од партијата додаваат дека средбата поминала во „срдечна и пријателска атмосфера, со надеж за продлабочена идна соработка меѓу двата народа, а на крајот од истата на амабасадорот му беше врачена и свечена монета со ликот на Гоце Делчев, која Левичарскиот институт „Рацин” ја изработи по повод 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот