Антикорупциска отворила предмет за унапредување на блиско лице на премиерот, но не нашла ништо незаконско

Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива отворила предмет за унапредување на блиско лице на премиерот во раководител на сектор во Министерство, но утврди дека бил законски унапреден.

Предметот бил оформен во мај годинава, но постапката била запрена затоа што е констатирано дека постапката на унапредување на лицето е направена согласно закон, додека сомнежите за неговата сопруга не се потврдени односно добиена е информација од Министерството дека кај нив не е вработено такво лице.

На седницата не се кажа ниту каква е поврзаноста на лицето со премиерот Христијан Мицкоски, ниту пак во кое Министерство е вработено.

Како што појасни членот на ДКСК Зоран Богоевски, од прибавената документација констатирано е дека лицето било вработено во Министерството од 2004 година, а од 2010 година е на работно место раководител на одделение. Согласно годишниот план за вработување од 2025 година за кое е добиена согласност од Министерството за јавна администрација предвидено е работно место државен советник за координација на подрачните единици и ова работно место било предвидено и согласно Правилникот за што е добиена согласност во 2015 година. Добиена била и согласност од Министерството за финансии.

– Постапката за унапредување е спроведена согласно Законот за административни службеници при што лицето е унапредено во државен советник за координација и организација на подрачните единици во Министерството, рече Богоевски.

На денешната седница Комисијата разгледуваше и предмет исто така формиран по сопствена иницијатива за лице кое извршувало две неспоиви функции. Лицето било член на Управен одбор на јавно претпријатие и член на Надзорен одбор на јавно претпријатие со седиште во Битола.

Извршувањето на двете функции истовремено, како што појасни Софија Спасова – Медарска од ДКСК, е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупцијата и претставува прекршок казнив согласно член 105 од истиот закон.

На лицето му е издаден прекршочен налог и му било укажано дека мора да се откаже од една од функциите. Тој, како што образложи Спасова-Медарска, ја платил глобата, но не доставил доказ дека се откажува од една од функциите.

– За констатираниот прекршок на лицето му е издаден прекршочен патен налог и му беше понудена постапка за порамнување. Во исто време доставивме известување со кое на лицето му укажавме дека констатираната состојба може да биде надмината единствено доколку се откаже од една од двете функции. Лицето во законскиот рок ја плати глобата и достави доказ до ДКСК за тоа, но не достави доказ за откажување на една од двете функции со што состојбата не е надмината, констатира Спасова-Медарска.

За ова, ДКСК ќе ги извести Советот на оштина Битола и Владата како надлежни органи кои ќе треба во рок од 60 дена да ја информираат за преземените мерки за надминување на состојбата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот