
Ансамблот „Консонанс“ ќе го изведе концертот за деца „Песна за жирафата“ на „Скопско лето“
Во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ на 26 јуни, со почеток во 20 часот, во Сули ан ќе се одржи концерт за деца со наслов „Песна за жирафата“ во изведба на ансамблот „Консонанс“. Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се набават пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Песна за жирафата“ е музичка приказна за деца која преку прекрасната музика на композиторот Ф. Ј. Хајдн и забавниот и едукативен текст, ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите, на интересен и креативен начин. Наменета за деца од различна возраст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент, како што е виолината, или, пак, некој од дувачките инструменти, како што се флејтата или кларинетот.
Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во ансамблот „Консонанс“.
Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата можат да се запознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
Аниматорот ги воведува децата во светот на Ф. Ј. Хајдн раскажувајќи дека тој е австриски композитор кој живеел и творел во периодот на класицизмот, заедно со големите композитори Моцарт и Бетовен. Речиси сиот свој работен век го поминал пишувајќи музика на дворот на познатиот благородник Естерхази во Австрија. Хајдн, освен што пишувал музика, тој на дворот на кнезот Естерхази го раководел и оркестарот, организирал концерти и се грижел за музичкиот живот на дворецот.
Освен работата на дворот тој патувал и пишувал многу музика, и затоа за него се вели дека е композитор со многу голем опус, односно голем број напишани композиции, како што се сонати, симфонии, квартети, триа, концерти за инструменти, композиции за пијано и други инструменти.
Хајдн бил многу мил и со пријатен карактер, но водејќи го оркестарот не бил само диригент, туку нивен доверлив човек и пријател. Доколку имало спор тој морал да го реши и поради тоа бил како татко на музичарите, па не е ни чудо што сите го викале „Папа Хајдн“.
Забавниот и креативен начин е единствениот правилен пристап за едукација на најмладите, па затоа на еден ваков начин преку приказна, интеракција и музика децата се едуцираат за еден многу важен период и композитор од ерата на класичната музика.
Оваа музичка приказна е напишана од Франц-Георг Штелинг, кој е уметнички агент и Јерг Шаде – актер, автор и режисер, замолувајќи го Улф-Гвидо Шефер – кларинетист да ја аранжира музиката за квинтет, кој со големо задоволство прифаќа и создава музика која совршено ја дополнува прекрасната приказна и дејството кое Штелинг и Шаде мајсторски го смислиле.
Ансамблот „Консонанс“ е основан во 2007 година и е истакнат ансамбл кој на почетокот беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денеска во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл. „Консонанс“ е посветен на изведбата на камерна музика истражувајќи ги огромните можности, пред сè, на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат „Консонанс“, а тоа се: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости.
Ансамблот го сочинуваат членови од Македонската филхармонија и тоа: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта, како и виолинистката Ивана Здравкова. Сите овие музичари со долгогодишно искуство подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
„Консонанс“ како ансамбл има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија, како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Турција и САД. Ансамблот има издадено и еден компакт-диск, известија од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.