Њујорк / Фото: Pexels

Анкета на Галуп во САД: Капитализмот ја губи привлечноста, социјализмот станува алтернатива

Ново истражување на Институтот Галуп покажува дека само 54% ​​од Американците денес имаат позитивен став кон капитализмот – најнизок откако се следат вакви податоци. Демократските гласачи се повеќе се наклонуваат кон социјализмот, додека републиканците остануваат цврсти застапници на капиталистичкиот систем.

Меѓу демократите, поддршката за капитализмот падна на 42%, додека во исто време поддршката за социјализмот се зголеми на 66%. Галуп истакнува дека демократите постојано го фаворизираат социјализмот пред капитализмот речиси една деценија, а јазот продолжува да се зголемува.

Недовербата кон големите корпорации е особено изразена: од фармацевтската индустрија до технолошките гиганти, само 17% од демократите ги оценуваат позитивно.

Симпатизери на Кенеди маршираат низ Њујорк – Фотографија Profimedia

Во периодот од 1 до 20 август од 1.094 Американци со право на глас било побарано „од прва“ да се произнесат за капитализмот и социјализмот како спротивставени системи. Позитивна слика за капитализмот имале 54%, дури 7 процентни поени помалку отколку во 2010 година и 6 поени помалку отколку на почетокот на оваа деценија. Рејтингот на капитализмот досега бил најнизок во 2018 година (56%).

Расчленето по партии, првпат откако се спроведува оваа анкета позитивно мислење за капитализмот изразиле помалку од една половина традиционални демократски гласачи, едвај 42%, во споредба со 51% од првата анкета, спроведена по Големата рецесија во 2008 година. Поддршката меѓу независните гласачи се намалила на 51% од највисоките 60% во 2010 година. Од друга страна, повеќе републиканци денес (74%) имаат силна поддршка за капитализмот во споредба со 71% во 2010 година.

Многу подрастични се партиските разлики во однос на поддршката на социјализмот. Поволен став за него имаат 66% од демократите и само 14% од републиканците.

Испитаниците ги изразиле и своите ставови за слободното претприемништво, за големиот и за малиот бизнис. Имало силна поддршка за малите бизниси (95%) и слободното претприемништво (81%), како и на минатите анкети, но постои негативна перцепција за големиот бизнис, со 37% позитивни и 62% негативни мислења. За споредба, 52% од Американците имале позитивен став за големиот бизнис во 2019 година, а дури 58% во 2012 година.

Иако Американците имаат генерално позитивни ставови за економскиот систем на САД, тие се помалку позитивни кон него отколку кон слободното претприемништво и малиот бизнис, два специфични аспекти на капитализмот, објаснува аналитичарот Џефри Џонс од Галуп.

Како демократски социјалисти денес во САД се претставуваат сенаторот Берни Сандерс, пратеничката Александра Окасио-Кортез и кандидатот за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани. Претседателот Доналд Трамп ги нарекува „комунисти“.

Џонс за точка на пресврт во ставовите ја смета 2016 година, кога Трамп првпат победи на претседателските избори.

Социјализмот во политичките наративи Трамп повторно го актуелизираше лани во кампањата, кога упорно тврдеше „Америка никогаш повеќе нема да биде социјалистичка земја“. Од годинава, за социјализмот повеќе се зборува и поради Мамдани.

Мислам дека е поради Трамп и популизмот воопшто, но заслужен е и Берни Сандерс. Во Демократската партија многу идеи типични за социјализмот веќе станаа мејнстрим… Кампањата на Мамдани е рефлексија на денешниот генерален став на демократите, иако социјалисти имало и пред него, вели аналитичарот од Галуп.

Џонс смета дека разликите во резултатите се последица и на генерациските промени. Во 2010 година во поголем број меѓу гласачите биле Американците што ги апсорбирале негативните опишувања на социјализмот од времето на Студената војна. Помладите републикански гласачи се скептични кон социјализмот, но тој не им е толку многу одбивен како на нивните родители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот