
Анкета: Граѓаните сомничави кон медиумите, но не ги проверуваат – сметаат дека политичките партии се главниот извор на ширење дезинформации
Иако граѓаните се сомневаат во објавените информации од медиумите, ретко преземаат мерки за проверка на нивниот кредибилитет и вистинитост. Ова го покажа истражувањето на јавното мислење „Практиките и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на февруари.
Препорачано
Прашани за способноста за препознавање дезинформации, 41 проценти од испитаниците сметаат дека понекогаш успеваат, 29 отсто веруваат дека секогаш можат да ја детектираат вистинитоста на информацијата, додека 11 проценти признаваат дека воопшто не можат да ги разликуваат лажните од вистинитите информации.
Сепак, дури 80 отсто од испитаниците ретко или воопшто не го проверуваат авторот на веста, а 71 проценти ретко или воопшто не го проверуваат издавачот.
Во однос на тоа колку често се случувало да споделат информации за кои подоцна е утврдено дека се неточни, мнозинството граѓани (52%) сметаат дека се случувало, но не толку често, додека високи 40 отсто се уверени дека информациите што ги споделуваат секогаш се вистинити.
Во однос на изворите на дезинформации, 36% од испитаниците сметаат дека политичките партии се главниот извор на ширење дезинформации, 12% ја посочуваат медиумската сфера, а 4% ги наведуваат државните институции. Меѓутоа, речиси половина од испитаниците (47%) сметаат дека сите тие заедно се чести извори за ширење дезинформации помеѓу граѓаните.
Перцепцијата за доверливоста на медиумите е поделена: 29% од граѓаните се сомневаат во сè што се објавува, а ист процент ја проверуваат истата вест во други релевантни медиуми, додека само 21% веруваат дека доколку нешто е објавено, тогаш е точно. Во однос на квалитетот на медиумските содржини, 74% од испитаниците споделуваат мислење дека медиумите пренесуваат само основни или површни информации, без длабинска анализа.
Теми од најголем интерес за испитаниците се здравството, јавните финансии и образованието. Здравјето и случувањата во здравствениот сектор се поважни за далеку поголем број граѓани (38%) од случувањата поврзани со јавните финансии (19%), образованието, науката и технологијата (14%) и прашањата околу животната средина и просторното планирање (13%). Нешто помалку важни за граѓаните се темите поврзани со земјоделството (9%) и локалните прашања (5%).
Истражувањето покажа дека 51% од граѓаните се информираат неколку пати во текот на денот, додека 27% го прават тоа еднаш дневно, што упатува на заклучокот дека висок процент од испитаниците секојдневно се информираат на различни теми. Телевизијата, социјалните медиуми и онлајн-порталите остануваат најчести извори на информации, додека помалку од 10% се потпираат на лични контакти за добивање вести.
Анкетата беше спроведена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни граѓани од различни региони низ државата.