
„Анима Мунди“: Во билтенот на МВР нема податок за усмртена мечка во сообраќајка во декември, како што тврди Дранго
Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ го демантира заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, кој тврди дека „тој не ја застрелал мечката, туку таа била усмртена во сообраќајна несреќа, а тој бил на местото како дел од неговите работни обврски, па заедно со вработени во јавното претпријатие само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.“
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок за сообраќајна несреќа со мечка за месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните – не смее да се постапува без МВР, како и дека мечката не е на пат, туку во шума, и дека толку големо животно нема начин да се поместува за сликање, освен доколку е свежо убиено, невкочането (сѐ уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна – велат од организацијата за заштита на животни.
Организацијата бара од надлежните институции да се провери дали во декември постоела пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции.
– Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и да ја информира јавноста, дали Дранго, кого на сликите го гледаме во ловечка униформа, вооружен со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во претходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон? – се вели во изјавата од „Анима Мунди“.
По вчерашните информации дека за мртвата мечка со која се фотографирал заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, е отворен предмет во Битолското обвинителство, бидејќи ова животно е со највисок степен на заштита во Македонија, „Анима Мунди“ го поздрави чинот, велејќи дека „ова е добар чекор кон разрешница, доколку сакаме да се наречеме правна држава“.