
Ангеловски: Динамо е сериозна екипа, не одиме да се штедиме во Букурешт
В четврток во Букурешт, Романија, од 18.45 часот ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе го одиграат третиот натпревар сезонава во ЕХФ Лигата на шампионите. Во рамките од групата А, Динамо Букурешт е новиот противник на актуелниот македонски првак.
Препорачано
Романскиот претставник стартуваше одлично со две победи, во првото коло дома ја совлада данската Фредерициа со 37:28, а потоа на гости со 28:26 славеше над полскиот тим Висла Плоцк.
Битолчани кои претрпеа два порази против ПСЖ на гости (31:29) и дома од Фуксе Берлин (30:22), се свесни за големиот предизвик.
– Нѐ очекува исклучително важна недела во која повторно сме во Лигата на шампионите и сме на гости кај еден мошне сериозен противник, екипа која доаѓа од Романија. Клуб кој има осум-девет милиони евра буџет, има играчи кои настапуваа за Барселона и не случајно има две победи во два натпревари во ова натпреварување на ЛШ.
Одиме со позитивна енергија, одиме да го дадеме максимумот што можеме да направиме во тој меч и без разлика што играме за многу краток период со нашиот најголем ривал Вардар, не одиме да се штедиме, туку напротив да покажеме максимум што можеме во овој момент и да се надмудруваме со ривалот – рече тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски.
На 28 септември играчите на Ангеловски ќе го играат дербито во македонската ракометна Суперлига на гости против Вардар со почеток од 18.00 часот.