Фото: Стојанче Ангелов

Ангелов му ја предаде директорската функција во ЦУК на Мухамед Аљи

Стојанче Ангелов денеска му ја предаде директорската функција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) на Мухамед Аљи. Со вчерашната одлука на владина седница, Ангелов денеска ја презема функцијата в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), на местото на  Џеват Селами од „Вреди“, кој е во домашен притвор како осомничен за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој имаше 62 жртви.

– По претходен договор со премиерот Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денеска, сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер-тракторите. Во овој момент сè уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност – соопшти Ангелов.

Како што вели тој, инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.

Фото: Стојанче Ангелов

– Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин. Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана. Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места. Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција – порача тој.

За заменик-директор на ЦУК е именуван Трајче Јовановски кој работи во ЦУК од 2008 година, моментално е на позицијата помошник-раководител на Сектор за аналитика, процени и стратешко планирање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот