фото/Gerd Hartung / akg-images / Profimedia

Анегдоти од животот на славните личности

Прочитајте неколку интересни анегдоти од животот на познатите личности.

Познатиот италијански тенор Енрико Карузо настинал и не можел да настапи. Директорот на театарот бил вон себе, па извикал:

– Што да правам? Па како можевте да настинете?

– Ова се последиците од премиерата – рекол Карузо.

– Какви последици? – бил изненаден режисерот.

– Сосема е едноставно: на сцената ме преплавија бранови на воодушевување, потоа паднав во виорот од обожавателки и се вратив дома загреан, каде што ме опсипаа со ладен туш од критики. Кој не би настинал во такви услови?

***

За премиерата на неговата драма, Џорџ Бернард Шо им испратил бесплатни билети на почесните гости. Меѓу другото, му испратил и на својот политички противник Черчил два билета, приложувајќи писмо со следната содржина:

– Почитуван господине! Ви праќам два билета. Еден за вас и еден за некој од вашите пријатели – ако имате пријатели!

Черчил одговорил:

– Почитуван господине! Ги враќам билетите што ми ги испративте и ви благодарам многу. За жал, не можам да дојдам на премиерата, но ќе дојдам на репризата – ако има реприза!

***

На забавата што ја организирала една отмена дама од Париз, вообразен благородник му се пришол на Александар Дима и дрско го прашал:

– Извинете, господине Дима, дали е вистина дека вашиот татко е мулат?

– Вистина е.

– Значи, вашиот дедо бил црнец.

– Да.

– А што бил вашиот прадедо?

– Мајмун.

Благородникот почнал бучно да се смее, но Дима му одговорил сериозно:

– Да, да, како што можете да видите, моето потекло завршува таму каде што вашето почнува.

***

Кога композиторот Пучини бил сè уште млад, ја однел својата најнова композиција кај миланскиот издавач Рикарди, молејќи го да ја објави. Рикарди го зел ракописот, брзо го погледнал и му го вратил:

– Жал ми е, но не можам да ја објавам вашата композиција, иако е доста добра.

– Зошто? – тажно прашал авторот.

– Гледаш, млад пријателе, ниедна жена нема да ја испее твојата песна затоа што почнува со зборовите: Кога бев сè уште млада.

***

Бернар Шо, кој бил слаб, и писателот Гилберт Честертон, кој бил необично дебел човек, се предизвикувале еден со друг во секоја прилика. Еден ден дебелиот Честертон му рекол на слабиот Шо:

– Секогаш кога човек ќе ве погледне, ќе помисли дека во оваа земја владее глад!

– А кога некој ќе ве погледне вас, ќе помисли дека вие сте виновен за гладта! – одговорил Шо.

***

Млад глумец го замолил Шо да му напише препорака, а Шо на свој начин му излегол во пресрет:

– Најтопло го препорачувам глумецот господин Р. Го игра Хамлет, Цезар, Шејлок, игра бриџ и билијард. Билијард игра најдобро.

***

Оскар Вајлд решил да присуствува на премиерната театарска претстава на некој познаник. Авторот на претставата седел во неговата ложа. Вајлд не проговорил ниту збор по првиот ни по вториот чин. Потоа авторот се охрабрил и го прашал како му се допаѓа претставата. Вајлд замислено рекол:

– Изгледа надвор многу врне.

– Зошто?

– Затоа што никој не ја напушта претставата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!